ПАНДЕМИЈАТА НА ШПАНСКИОТ ГРИП - ЕДНА НЕНАУЧЕНА ЛЕКЦИЈА
Abstract
Пандемијата на КОВИД-19 која започна минатата година, неминовно, ги натера научниците да се навратат на последната голема пандемија на шпанскиот грип која се случила пред еден век, опфаќајќи ја целата Земјина топка и придонела за големи човечки загуби од кои некои држави подолго време морале да закрепнуваат. Слично како и денес, на почетокот опасноста од шпанскиот грип бил потценета, најверојатно и поради воените дејства во Првата светска војна. Војната завршила но вирусот од епидемија прераснал во голема, дотогаш невидена пандемија. Властите споро реагирале на ширењето на овој грип, а здравствениот систем бил целосно неподготвен да се справи со новата и непозната опасност. На почетокот, дури и лекарите, виролозите и епидемиолозите не можеле да дојдат до заклучок за каков тип на вирус се работи. Сепак, како пандемијата се ширела, така и светот се адаптирал на новите услови. Државите и локалните власти вовеле серија на ограничувачки мерки со цел да го спречат ширењето на вирусот, биле заострени и хигиенските мерки, а било наложено и задолжително носење маски, затворање на трговските објекти, кутурните и образовните установи. Многу нешта од времето на пандемијата на шпанскиот грип се слични со денешните состојби поврзани со КОВИД-19. Шпанскиот грип како што неочекувано се појавил во 1918, така и исчезнал во 1920 година. На научниците им требало повеќе од една деценија по завршување на пандемијата да ја откријат причината за појавата на истата, но и денес сè уште има многу непознаници поврзани со шпанскиот грип.