За списанието
„Славистички студии“ е меѓународно научно славистичко списание од областа на хуманистичките науки кое што го издава Катедрата за славистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Списанието се објавува во два броја годишно, сите поднесени трудови се подложени на двојна рецензија. Се прифаќаат трудови на сите словенски јазици.
Катедрата за славистика започнува со издавање на научното списание „Славистички студии“ во 1976 година, фокусирано на русистика, бохемистика и полонистика. Ваквата традиција се одржува континуирано и денес. Одделни томови на списанието се посветени на истакнати слависти поврзани со Катедрата.
Второто издание на списанието е објавено во 1979 година, а третото во 1983 година. Следните броеви се публикуваат во форма на двоброј: броевите 4/5 во 1984/1985 година, посветени на проф. д-р Вера Јанева-Стојановиќ по повод нејзиниот шеесетгодишен јубилеј. Бројот 6/7 излегува од печат во 1995 година, а изданието од 1999/2000 година (бр. 8/9) ѝ е посветено на прерано заминатата доц. д-р Маргарита Пашоска.
Во 2002 година е објавен бројот 10, кој се издава под изменет поднаслов – како официјално списание на Катедрата за славистика – и е посветен на акад. Зузана Тополињска по повод нејзиниот седумдесетгодишен јубилеј. Наредните изданија ја следат таа практика на посветување на истакнати членови и соработници на Катедрата:
- Број 11 (2004) – акад. Милан Ѓурчинов (75-годишнина);
- Број 12 (2006) – акад. Рина Павловна Усикова (70-годишнина);
- Број 13 (2009) – проф. д-р Марија Најческа-Сидоровска (80-годишнина);
- Број 14 (2009) – проф. д-р Борис Марков (85-годишнина).
Во 2012 година е објавен двобројот 15/16, каде едниот број е посветен на проф. д-р Димитар Бошков, а вториот претставува In Memoriam за Валентина Павловска, долгогодишен библиотекар на Катедрата.
Од бројот 17 (2017) списанието почнува да се издава редовно на годишно ниво, со следните посвети:
- Број 17 (2017) – проф. д-р Донка Роус (75-годишнина);
- Број 18 (2018) – проф. д-р Кита Бицевска (70-годишнина);
- Број 19 (2019) – проф. д-р Максим Каранфиловски (70-годишнина);
- Број 20 (2020) – проф. д-р Димитрија Ристески (70-годишнина);
- Број 21 (2021) – л-р Таисија Попспирова (80-годишнина);
- Број 22 (2022) – проф. д-р Германија Шокларова-Љоровска (85-годишнина);
- Број 23 (2023) – проф. д-р Красимира Илиевска;
- Број 24 (2024) – проф. д-р Ружица Јанчулева - In Memoriam (1951-2015).
Почнувајќи од бројот 23, Списанието излегува во два тома годишно, а од бројот 24, „Славистички студии“ излегува само во електронска форма.
„Славистички студии“ од неодамна е индексирано во реномираните академски бази EBSCO и Linguistic Bibliography – Brill, со што ја зацврстува својата позиција во меѓународната научна заедница.
ISSN: 2955-232X (онлајн издание) ISSN: 0352-3055 (печатено издание)