ДЕМОНСКИТЕ СЕДУММИНА ВО ТРИ МЕСОПОТАМСКИ ИЗВОРИ
Abstract
Текстот нуди првичен преглед на три инстанции од месопотамските извори, од магиско-медицинската и книжевната сфера, во кои се споменуваат Седумте демони (Седумтемина, Sebettu/Sibitti): дел од инкантациите за набркување на демоните од збирката Udug-Hul (Инкантации против зли демони); Приказаната за Гилгамеш и Хувава (А и B); и Ера и Ишум (или Песната за Ера/ Eра). Во текстот нема обид да се одговори на прашањето oколу тоа дали овие инстанции се навистина референци на истата група на демонски Седум, затоа што месопотамските верувања во демоните се протегаат низ милениуми, и различни религиски и културно-политички контексти, и постојат разновидни појавувања на Седуммина демони, но и на херои и заштитници. Амбивалентноста која се јавува во концепцијата за Седумтемина е прикажана преку различните дејства и улоги на демоните од инкантациите, кои носат болести и неволји; седумте херои-заштитници, пратени од божеството за да го штитат Гилгамеш во неговиот поход кон Кедровата шума (светата Земја на живите); и седумте поданици, оружја на Ера, кои го подбуцнуваат да појде во разбеснет хаотичен поход на незауздано насилство и уништување на светот. Со оглед на долгодецениското занемарување на овие простори, како на верувањата во инкарнираното зло, така и на скапоцената обилност на месопотамската култура, целта на овој текст е да понуди воведни прашања од овие теми за македонската публика.