ФАКТОРИ НА РИЗИК ЗА ПОЈАВА НА НАРУШУВАЊЕ ВО ОДНЕСУВАЊЕТО И ПОТРЕБАТА ЗА ПРЕВЕНЦИЈА И РАНА ИНТЕРВЕНЦИЈА
ДОИ:
https://doi.org/10.2478/Клучни зборови:
нарушување во однесувањето, ризик-фактори, превенција, рана интервенција, ученици со нарушување во однесувањетоАпстракт
Магистерскиот труд е презентиран на 149 страници. Трудот ги содржи следниве делови: Вовед, Теоретски основи, Истражувачки дел составен од: Методологија на истражувањето, Анализа и интерпретација на резултатите, Дискусија, Заклучоци и Препораки, Прилози и Литература.
Во Воведот се образложува концептот нарушување во однесувањето како и различните групи на ризик-фактори што доведуваат до оваа појава. Најчесто се издвојуваат две главни групи на етиолошки фактори што доведуваат до нарушување во однесувањето, и тоа средински фактори и фактори поврзани со функционирањето на личноста. Во последните децении сè повеќе се зголемува бројот на деца со нарушување во однесувањето, со што се наметнува потребата за навремена идентификација на ризик-факторите и на заштитните фактори, со цел превенцијата и раната интервенција, како перманентен и активен процес, да започнат колку што може порано, најдобро уште на предучилишна возраст.Во Теоретските основи е дефиниран поимот нарушување во однесувањето од неколку аспекти (правен, медицински, специјално-педагошки и емпириски), наведена е различната терминологија која се користи во стручната и научната литература, како и податоци за преваленцијата, за коморбидитетот и за различните класификациски системи, во чии рамки е опфатено нарушувањето во однесувањето. Исто така, елаборирани се и ризик-факторите што доведуваат до појава на нарушување во однесувањето, кои се поделени во неколку групи: индивидуални фактори, семејни фактори, фактори поврзани со училиштето, фактори поврзани со врсниците и фактори поврзани со општествената средина. Покрај ризик-факторите, образложени се и факторите на заштита и нивната поделба. Значаен дел од теоретските основи зазема и дефинирањето на превенцијата и раната интервенција, како и видовите на превенција и моделите на рана интервенција кои најчесто се применуваат во работата со учениците со нарушување во однесувањето.
Во Истражувачкиот дел е дадена методологијата на истражување и притоа се дефинирани предметот, целта и карактерот на истражувањето, задачите, хипотезите, варијаблите, методите, техниките и инструментите, примерокот, статистичката обработка на податоците, местото, времето, организацијата и текот на истражувањето.
Основната цел на истражувањето е да се утврдат ризик-факторите кои доведуваат до појава на нарушување во однесувањето кај учениците од основно образование, како и потребата од преземање мерки за превенција и рана интервенција. Примерокот на истражувањето го сочинуваат 70 одделенски наставници и одделенски раководители од пет основни училишта на територијата на град Прилеп, во чии одделенија има ученици со нарушување во однесувањето. Испитаниците се поделени во две групи, и тоа: 35 одделенски наставници и класни раководители се од училишта во урбана средина, а останатите 35 од училишта во рурална средина.
Во истражувањето се користени дескриптивниот метод и методот на компаративна анализа. Како техники беа употребени анализа на документација, анкета и скалирање. За собирање податоци беа употребени два типа прашалници: Прашалник за наставници/класни раководители и Прашалник за предностите и тешкотиите. Собраните податоци беа групирани, прикажани табеларно и графички; со PSPP за Windows 7 е пресметана дистрибуцијата на фреквенцијата, аритметичката средина и χ2 (за статистички значајна разлика беше употребено p < 0.05).
Анализата и интерпретацијата на добиените резултати покажа дека ризик-факторите што доведуваат до нарушување во однесувањето кај учениците од основно образование се поврзани со индивидуата, семејството, училиштето и со влијанието на врсниците. Верификацијата на хипотезите упатува на следните заклучоци: нарушувањето во однесувањето е почесто застапено кај учениците од машки пол (81,42%); во најголем дел од случaите (41,42%) се јавува на возраст од 9 до 12 години (IV-VI одделение); 60% од учениците со нарушување во однесувањето живеат во семејства со ниски материјални приходи; 50% од учениците со нарушување во однесувањето се дружат само со врсници со проблематично однесување. Загрижува и фактот што најголем дел од учениците (54,28%) имаат интензивна потреба од интервенција.
Врз основа на резултатите и донесените заклучоци може да ги дадеме следните препораки (социјално-заштитни, здравствени, воспитно-образовни и правни): неопходно е навремено препознавање и откривање на нарушувањето во однесувањето, идентификување на факторите на ризик и јакнење на факторите на заштита; планирање, развивање и имплементирање програми за превенција и рана интервенција на нарушување во однесувањето на локално и национално ниво; организирање на слободното време на овие ученици; унапредување на соработката меѓу училиштето, семејството, Центарот за социјална работа и локалната заедница.
Превземања
Референци
Преземања
Објавено
Издание
Секција
Дозвола
Авторско право(c) 2014 Ирена Новаческа

Овој труд е лиценциран како Creative Commons Attribution 4.0 International License.
