УЧЕБНИЦИТЕ ЗА ПОЧЕТНО ЧИТАЊЕ И ПИШУВАЊЕ ЗА УЧЕНИЦИТЕ СО ЛЕСНА ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ ВКЛУЧЕНИ ВО ИНКЛУЗИВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ

Автори

  • Славица ТОДОРОВА SPS “Idnina” Skopje, Republic of Macedonia

Клучни зборови:

инклузивно образование, учебници, ученици со лесна интелектуална попреченост

Апстракт

Магистерскиот труд претставува современа, научно-емпириска студија презентирана на 103 страници, структурирана со вовед и шест поглавја: Теоретски основи на проблемот, Методологија на истражувањето, Анализа на резултатите со дискусија, Заклучни согледувања со предлози, Литература и Прилози. Литературата која е користена за изработка на магистерскиот труд е составена од 67 библиографски единици на англиски и македонски јазик, претставувајќи дел од актуелните тематски соодветни ракописи произлезени од голем број научно-истражувачки студии и проекти реализирани во многу земји низ светот.
Првото поглавје од магистерскиот труд претставува мошне солидна теоретска елаборација и дефинирање на проблемот на истражувањето.
Ова поглавје содржи единаесет поднаслови – целини што се однесуваат на воспитно-образовната работа во училиштата во Македонија. Прилагодувањето на средината кон децата е всушност основата на инклузивното образование, коешто се објаснува во втората целина. Понатаму во теоретските основи се претставени начините на имплементација на инклузивното образование и свесноста за потребата од инклузивно образование. Како што е изложено во трудот, имплементирањето на инклузивното образование во училишниот систем е неминовно условено од развојот на успешната инклузивна култура и инклузивната практика. Објаснети се индексот на инклузија, разликите во терминолошката определба на поимите инклузија и интеграција, основните принципи за квалитетно инклузивно образование. Индекс, всушност, значи ресурси за поддршка на развојот на инклузијата во училиштата. Претставува сеопфатен документ што помага во изнаоѓање различни чекори за поставување соодветен амбиент, односно опкружување во наставниот процес. Индексот помага во воспоставување соработка меѓу ученикот и наставникот и за подобрување на наставната средина. Го претставува гледиштето според кое учениците учат преку нивната активна вклученост во процесот на учење и она што го учат го интегрираат со своето сопствено искуство. Индексот е, практично, документ што го опишува значењето на инклузијата од сите аспекти во училиштето. Поимот инклузија во својата суштина содржи процес на менување, односно промени, и тоа е бескраен процес на создавање промени за подобрување на наставата и на вклученоста на сите ученици во наставните активности. Честопати овој поим се поистоветува со поимот интеграција, па затоа е неопходно да се направи дистинкција меѓу нив. Додека интеграцијата е само физичко преместување на учениците во амбиент на редовно училиште, инклузијата вклучува создавање услови во физичката средина за активно вклучување во тој амбиент. Основните принципи за квалитетно инклузивно образование се: еднаква прифатеност на сите деца; сите деца учат на различен начин. На крајот од теоретскиот дел се обрнува внимание на ресурсите за учење, со посебен акцент на учебникот. Битно обележје за еден учебник е логичниот редослед на воведувањето нови поими, а притоа да се одликува со јасно издиференцирани содржини што ќе бидат во функција на усвојувањето знаења, а за помалите одделенија во функција на стекнување вештини и способности што ќе придонесат за усвојување трајни знаења. Во современиот начин на живеење, неопходно е да се креира учебник што ќе ги задоволи потребите и на учениците со интелектуални пречки, кои се соочуваат со тешкотии во усвојувањето знаења. Проблеми во учењето не претставува специфичен термин, туку категорија која содржи многу специфични проблеми, а секоја од нив е причина за отежнато учење, односно нарушување во еден или повеќе основни процеси вклучени во разбирање на говорот и пишаниот јазик.
Во второто поглавје од магистерскиот труд е објаснета методолошката поставеност на емпириското истражување – истражувањето е квантитативно и квалитативно, a притоа јасно се дефинирани предметот, целите и задачите на истражувањето, поставени се хипотезите и детерминиран е примерокот на истражување со утврдување на сите зависни и независни варијабли. Предмет на истражување во овој труд е соодветноста на учебниците по Македонски јазик како ресурс во наставата во прво и второ одделение во редовното основно образование за подготовка за почетно читање и пишување и како ресурс за почетно читање и пишување којшто е соодветен и за учениците со лесна интелектуална попреченост. Од предметот произлегуваат и целите на истражувањето: целта на ова истражување е да се проучи соодветноста и применливоста на содржините од учебниците по Македонски јазик за прво и второ одделение во деветгодишното образование во инклузивна училница, односно дали се соодветни за подготовка за почетно читање и пишување и за почетно читање и пишување во однос на учениците со лесна интелектуална попреченост. Истражувањето има дескриптивен карактер, насочено е кон откривање и анализа на проблемите во учењето што се јавуваат кај децата во училишниот период од аспект на примена на учебниците како главно наставно средство.
Во третото поглавје е претставена анализата на резултатите со богат илустративен материјал со дискусија и споредба на добиените резултати со низа релевантни истражувања. Анализата на теоретските расправи и емпириските податоци до кои е дојдено во истражувањето, упатуваат на следниве заклучни согледувања: задолжителните учебници за прво и второ одделение по Македонски јазик повеќе ги користат одделенските наставници отколку наставниците дефектолози; попозитивни мислења за учебниците даваат наставниците со помалку работен стаж; бројот на предвидените содржини за подготовка за почетно читање и пишување, односно почетно читање и пишување не е доволен и од аспект на оддленските наставници и од аспект на наставниците дефектолози; наставниците дефектолози, како и одделенските наставници сметаат дека учебниците не го следат развојот на јазичните карактеристики на учениците со лесна интелектуална попреченост; одделенските наставници повеќе се согласуваат дека визуелната компонента на учебниците е соодветна за учениците со лесна интелектуална попреченост за разлика од наставниците дефектолози; учебниците по Македонски јазик во прво и второ одделение повеќе се насочени кон стекнување знаења, а помалку кон развивање вештини и способности; за учениците со лесна интелектуална попреченост од пресудно значење за усвојување понатамошни знаења е стекнувањето соодветни вештини; во учебниците не е доволно развиена воспитната функција за прифаќање и почитување на лицата со пречки во развојот.
Резултатите од ова истражување придонесуваат за директно, непосредно согледување на состојбата со учебниците по Македонски јазик за прво и второ одделение во деветгодишното основно образование од аспект на примената на едно наставно подрачје од Наставната програма по Македонски јазик за прво и второ одделение и се препорачува во процесот на креирањето на учебниците за основно образование, особено за изведување инклузивно образование, вклучување стручњак дефектолог во тимот за изработка на учебници. За да имаме успешна инклузија, потребно е стручните лица – дефектолозите да бидат вклучени во сите сфери на општествениот живот.

Превземања

Податоците за превземање не се сè уште достапни.

Референци

Преземања

Објавено

2016-09-30

Како да се цитира

УЧЕБНИЦИТЕ ЗА ПОЧЕТНО ЧИТАЊЕ И ПИШУВАЊЕ ЗА УЧЕНИЦИТЕ СО ЛЕСНА ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ ВКЛУЧЕНИ ВО ИНКЛУЗИВНОТО ОБРАЗОВАНИЕ. (2016). Дефектолошка теорија и практика, 17(3-4), 146-149. https://journals.ukim.mk/index.php/jser/article/view/5053

Слични трудови

1-10 од 37

Можете исто така да започнате напредно барање на сличности за овој труд.