Моделот на долготрајна нега во Република Македонија
Abstract
Според OECD, поимот долготрајна нега се дефинира како: „распространета“
(cross-cutting) политика која се состои од повеќе заеднички услуги за лицата
зависни од помош во дневните животни активности (ADL) за подолг временски
период. Таа опфаќа услуги за: рехабилитација, основни медицински услуги,
домашна посета, социјална грижа, домување, потоа услуги за: транспорт,
оброци, окупациони и зајакнувачки активности, итн.
Постојниот систем за долготрајна нега во Република Македонија опфаќа услуги
на социјална и здравствена заштита како во институциите, така и надвор од
нив. Тие се дефинирани во рамките на постојната законска регулатива за
здравствена и социјалната заштита. Корисници на услугите за долготрајна
нега се лицата со физичка и ментална попреченост, изнемоштени стари
лица и посебни групи на кои им е потребна поддршка во нивните секојдневни
активности.
Состојбите во однос на пристапот и квалитетот на услугите за долготрајна
нега во земјата укажуваат на низа проблеми и бариери. Како најважни
бариери во однос на пристапот до социјалните и здравствените услуги се:
недостатокот на информации за постојните услуги, неинформираноста на
граѓаните за нивните права, физичката оддалеченост од здравствените
центри и институции, особено за жителите на руралните средини, итн.
Посебно треба да се нагласи дека институционалната заштита за старите
лица е недоволно развиена. Тоа се илустрира со постоењето на само четири
јавни домови за стари лица. Од друга страна, пак, институционалната
заштита за лицата со попреченост во земјата е со голема традиција, со
доминантниот медицински модел за заштита на овие лица. Социјалниот
модел кој овозможува целосна интеграција во општеството на овие лица се
одвива бавно поради недоволните административни капацитети и стручен
персонал. Вонинституционалната заштита е присутна во здравствениот и социјалниот
систем за заштита преку форми на услуги кои не се доволно развиени и
координирани од надлежните органи поради недостаток на основни средства
за работа. Од друга страна, деинституционализацијата на услугите за лицата
со попреченост има направено многу мал исчекор за нејзино имплементирање
во рамките на системот за социјална заштита, но тоа не е доволно.
Прашањето за квалитетот на услугите за долготрајна нега укажува дека тој е
на релативно ниско ниво. Причините за тоа се: несоодветен стручен кадар,
лоша инфраструктура на здравствените установи, недостаток на опрема,
несоодветно однесување на персоналот во здравствено-социјалните
институции и долгите листи на чекање во установите/институциите.
Како трет важен аспект во однос на системот за долготрајна нега што мора
да се земе предвид при носењето на конкретните мерки и активности е
одржливоста. Сегашниот систем на финансирање на долготрајната нега не
ги задоволува потребите на корисниците и е комплициран. Главен извор на
финансирање се приватните фондови на корисниците и нивните семејства
врз основа на договор, фондовите од пензиско и инвалидско и фондовите
засновани врз посебни категории на лица кои се под најголем ризик.
Меѓутоа, бројот на лицата со ризик постојано расте поради сè понамалената
финансиска моќ и невработеноста на голем број семејства. Ако на ова се
додаде и фактот дека постојните демографски трендови во земјата укажуваат
дека поради стареењето на населението, обемот на услугите за долготрајна
нега ќе се зголемува уште повеќе во наредните години, тогаш се поставува
како ургентно прашањето за реформата и рационализацијата на системот за
долготрајна нега.
Downloads
The journal allows the author(s) to hold the copyright without restrictions.
The journal allows the author(s) to retain publishing rights without restrictions.