АУТИЗАМ И ПЕРВАЗИВНИ РАЗВОЈНИ НАРУШУВАЊА од Владимир Е. Трајковски
ДОИ:
https://doi.org/10.2478/Клучни зборови:
аутизам, первазивни развојни нарушувања, учебник, Владимир ТрајковскиАпстракт
Аутизмот во последните шест децении е во фокусот на значителен интерес кај лекарите и истражувачите. Големи достигнувања биле направени на оваа поле со цел да се разбере загадочното нарушување на аутизмот. Но, и покрај сите напори во подигнување на свеста кај населението за аутизмот и первазивните развојни нарушувања, денеска малку се зборува кај нас.
Следејќи ги современите барања на општеството, по само неколку години, монографијата „АУТИЗАМ“ добива свое надополнување напишано од перото на проф. д-р Владимир Трајковски.
Сеопфатната книга, Аутизам и первазивни развојни нарушувања, излезе од печат на 3 јуни 2011 година. Проширувањето во големина и софистицираност само го одразува значајниот напредок во текот на еден седумгодишен период.
Книгата „Аутизам и первазивни развојни нарушувања“ е напишана на 412 страници поделени во 14 поглавја и тоа: историјат, дефиниција и класификација на аутизмот и ПРН; епидемиолошки карактеристики на аутизмот; етиологија и патогенеза на аутизмот; невропатологија и неврорадиолошки иследувања кај аутизмот; клинички карактеристики на аутизмот; дијагноза и диференцијална дијагноза на аутизмот; третман на аутизмот; исход и прогноза на аутизмот; медицински состојби кај аутизмот; аутизам и сексуалност; Asperger синдром; Rett синдром; детско дезинтегративно нарушување и первазивни развојни нарушувања неспецифирани на друг начин (ПРН-НДН). Поединечно секое поглавје претставува уникатна можност студентите полесно да дојдат до саканите информации и поуспешно да ја совладаат бараната материја.
Проф. д-р Владимир Трајковски ни дава комплетен преглед на современите пристапи во класификација и дефиниција на аутизмот и первазивните развојни нарушувања со цел навремено идентификување на малите деца со ова нарушување. Тежината во делот, кај што се дадени епидемиолошките карактеристики на аутизмот, се гледа во користењето на точни и концизни емпириски податоци чии резултати даваат комплетна слика за зголемената зачестеност на појавување на оваа состојба во светот. Бидејќи кај аутизмот не постои единствена причина за настанување, авторот детално ни ја опишува етиологијата и патогенезата на аутизмот каде читателите можат да се запознаат со генетиката и имуногенетиката на аутизмот, потоа, со имунолошките нарушувања, биохемиски и метаболни нарушувања кај овој синдром, а особено значење ‹ се дава на живата како етиолошки фактор. Поврзаноста на аутизмот со функционалните и структурни промени во мозокот, авторот ја објаснува преку детална анализа на невропатолошки и неврорадиолошки студии.
Многу луѓе се прашуваат што е аутизам и како овие деца да се препознаат, па затоа во петтото поглавје се прикажани основните карактеристиките кои се универзални и се користат во дијагнозата на аутизмот. Проф. Трајковски понатаму низ страниците на оваа книга ни ја нагласува потребата од рана дијагноза со цел навремено да се почне со соодветен третман.
Авторот обезбедува тековна ревизија на фармаколошките третмани и ја сугерира важноста од потенцијалните придобивки на третманот со лекови во одредени случаи. Едно од прашањата кое го поставуваат сите инволвирани во оваа проблематика е и тоа каков е исходот и прогнозата кај аутизмот а тоа можете да го прочитате во осмото поглавје.
Како новина во книгата се и поглавјата во кои е опишан аутизмот и сексуалноста, Asperger синдромот, Rett синдромот, детско дезинтегративно нарушување и первазивни развојни нарушувања неспецифирани на друг начин. Според наведеново, поглавјата во оваа книга се само сведоштво за напредокот како и за постојаната потреба за истражување.
Авторот се користи со маестрално обемна и разновидна литература која е видно ажурирана и ревидирана. Книгата е пишувана на високо техничко и естетско ниво, но и покрај прецизната терминологија, таа е сепак разбирлива за секоја читателска публика. Особено забележителна е богато илустративната корица која е изработена по сите светски стандарди.
Аутизам и первазивни развојни нарушувања е наменета за студентите од вториот и третиот циклус студии на Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет, а исто така може да им послужи за продлабочување на знаењата на докторите по медицина, специјализантите по психијатрија, педијатрија, психолозите, логопедите, социјалните работници и секако на крај, но не и најмалку важно, секој родител на овие страници ќе најде совети, охрабрување и надеж во патувањето низ аутизмот кај нивното дете. Исто така секое училиште, големо или мало, кое има одговорност за образование и воспитание на децата со аутизам и други первазивни развојни нарушувања, препорачливо е да ја има оваа книга на своите полици.
Книгата може да се набави во Студентскиот сервис на Филозофскиот факултет во Скопје по симболична цена од само 900 денари.
Превземања
Референци
Преземања
Објавено
Издание
Секција
Дозвола
Авторско право(c) 2011 Ана Петковска

Овој труд е лиценциран како Creative Commons Attribution 4.0 International License.
