Декларација за употреба на алатки за генеративна вештачка интелигенција на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Согласно донесените политики на Европската Комисија, ЕУ регулативи и ЕУ акти, како и документите на Европската Универзитетска Асоцијација, придржувајќи се и почитувајќи ги принципите на отвореност, мултидисциплинарност и етички стандарди, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, донесе Декларација за употреба на алатки за генеративна вештачка интелигенција.
Со технолошкиот развој и појавата на алатки за генеративна вештачка интелигенција, се поголема е нивната употреба во контекст на високото образование и научните истражувања. Следејќи ги овие трендови, академската заедница на Универзитетот може и треба да ги користи предностите на вештачката интелигенција и техниките кои произлегуваат од технолошкиот развој, истовремено залагајќи се за одговорна употреба на алатките на генеративната вештачка интелигенција и почитување на академскиот интегритет, што севкупно може да придонесе кон напредок на општеството, како целина.
Оттука, Универзитетот поддржува употреба на алатките за генеративна вештачка интелигенција, базирана на одговорност, транспарентност и етичност. Притоа, Универзитетот укажува на потребата од внимателност при користењето на овие алатки, вклучувајќи ја безбедноста на информациите и приватноста на податоците, задржување на академскиот интегритет и етичките стандарди во академската работа, како и почитувањето на авторските права.
Поддржувајќи го развојот на технологиите и иновациите, Универзитетот ја донесе Декларацијата за употреба на алатките за генеративна вештачка интелигенција, истовремено залагајки се да не се изложат на ризик институционалните, авторските или личните податоци. При користење на алатките базирани на вештачка интелигенција, на академската заедница, сочинета од наставно-научниот кадар и студентите, и се препорачува да го има во предвид следното:
- Универзитетот потсетува на законската обврска за заштита на доверливи податоци. Во јавно достапните алатки за генеративна вештачка интелигенција, посебно се препорачува да не се внесуваат податоци класифицирани како доверливи. Информациите споделени со алатките на генеративната вештачка интелигенција со помош на стандардните поставки, не се приватни и истите можат да бидат изложени на трети лица и трети страни.
- Употребата на алатки за генеративна вештачка интелигенција треба да биде со претпазливост, при што доверливи или други чувствителни информации може да бидат внесени во моделите, само со дозвола на лицата чии податоци се користат во моделите на вештачка интелигенција;
- Универзитетот упатува на свесност и одговорност за која било содржина што се продуцира или објавува, односно содржи материјали генерирани со вештачка интелигенција. Треба да постои свесност дека содржината генерирана со вештачка интелигенција може да биде неточна, погрешна или целосно измислена, а може и да содржи материјали заштитени со авторски права. Следствено на тоа, од основно значење е употребата на алатките и техниките на вештачка интелигенција да биде на транспарентен и одговорен начин, а точноста на генерираните информации да се проверува.
- Универзитетот препорачува, користењето на моделите на вештачка интелигенција да се прави на начин кој ќе гарантира почитување на принципите на интерпретабилност, објаснивост и транспарентност на моделите.
- Наставно-научниот кадар и студентите можат да ги користат технологиите на вештачката интелигенција, како алатки за поддршка на учењето и стекнување нови знаења, бидејќи може да го олесни студирањето и да влијае на подобрување на квалитетот и ефикасноста на генерирани материјали, како поддршка на процесот на учење, на начин дозволен и прифатлив за академската заедница.
- Универзитетот укажува дека не е дозволено: користење на алатките на генеративната вештачка интелигенција за споделување или генерирање академска работа на начин недозволен од професорот и асистентот, како и копирање на текстови креирани со користење на генеративна вештачка интелигенција, без цитирање на нивното користење, Притоа, оценувањето и евалуацијата на знаењето на студентите треба да биде направено од наставно-научниот кадар.
- Универзитетот ги советува и охрабрува студентите да побараат од нивните професори и асистенти појаснување за дозволеноста односно недозволеноста на употреба на алатките на генеративната вештачка интелигенција, притоа обрнувајки внимание на начинот на користење со интегритет, етички и транспарентно.
- Универзитетот укажува на користење на алатките на генеративната вештачка интелигенција во научните истражувања на одговорен, транспарентен и критички начин, со свесност за нивните ограничувања. Притоа, Универзитетот укажува на потребата од референцирање на методите базирани на генеративна вештачка интелигенција, користени во рамки на авторските дела. Одговорен за содржината на споделеното дело, е авторот на делото.
- Универзитетот потсетува на доследно почитување на Етичкиот кодекс на УКИМ, со цел зачувување на академскиот интегритет на својата заедница.
- Универзитетот укажува на зачувување на академскиот интегритет и етичките стандарди на академската работа при користење на алатки на генеративна вештачка интелигенција, што вклучува: наведување на алатките кои придонеле за создавање на делото во истражувачкиот и уметничкиот процес, критичка проценка на резултатите и одговорност за содржината на делото.
- Универзитетот упатува на внимателност од заканата на фишинг со вештачка интелигенција бидејки генеративната вештачка интелигенција овозможува полесен начин за софистицирани измами.
- Универзитетот експлицитно забранува употреба на алатките на генеративната вештачка интелигенција за одредени категории на активности, кои вклучуваат вознемирување, дискриминација, нарушување на личен и академски интегритет, како и други незаконски активности.
Генеративната вештачка интелигенција е технологија која брзо се развива, а Универзитетот ќе продолжи да го следи развојот, да се консултира со својата заедница и соодветно на тоа да ја ажурира оваа Декларација.
Скопје, 28.11.2024 Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Ректор
Проф. д-р Биљана Ангелова, с.р.