ТРАНЗИЦИИТЕ НА ФОРМАНТИТЕ КАКО АКУСТИЧНИ ЗНАЦИ ЗА МЕСТОТО НА АРТИКУЛАЦИЈА ВО ПЕРЦЕПЦИЈАТА НА ГОВОРОТ
Abstract
Транзициите на формантите ја рефлектираат вкупната промена на формата на вокалниот тракт во текот на продукцијата на говорот. Целта на студијата беше да се анализира транзицијата на F1 и на F2 на македонските вокали во контекст на консонанти. Студијата вклучува 12 родени говорители на македонски јазик (средна возраст 42,7±11,9 години).
Вокалот /о/ во контекстот на дентално-алвеоларен плозив /до/ имаше десцендентна транзиција на F2 во траење од 38 ms и размер на транзицијата 772 Hz, а во контекстот на веларен плозив /го/ десцендентна транзиција на F2 во траење од 25 ms и размер 85 Hz. Вокалот /а/ во контекстот на алвеоларен фрикатив /ша/ имаше десцендентна транзиција на F2 во траење од 25 ms и размер 324 Hz, а во контекстот на лабијален фрикатив /фа/ имаше асцендентна транзиција на F2 во траење од 38 ms и размер 214 Hz. Вокалот /у/ во контекстот на палатален фрикатив /ју/ имаше десцендентна транзиција на F2 во траење од 48 ms и размер 1084 Hz. Локусот на F2 за дентално-алвеоларен консонант беше 1900 Hz, за веларен 2100 Hz, за алвеоларен 1700 Hz, за лабијален 1200 Hz и за палатален консонант беше 2600 Hz.
Локусот на F2 е највисок за палаталните консонанти, а најнизок за лабијалните консонанти. Транзицијата на F2 е акустичен знак за местото на артикулација.