Состојба и предизвици во социјалната и здравствената заштита на лицата со инвалидност во Република Македонија: служби во заедницата и нивниот придонес
Апстракт
Во денешно време генерално е прифатено дека лицата со инвалидност
имаат право да живеат во заедницата и да користат социјална и здравствена заштита во рамките на заедницата, како и сите останати граѓани.
Земајќи го ова предвид, Владата на Република Македонија презема сериозни чекори за реформски процеси во системот на: социјалната заштита, здравствената заштита, образованието, транспортот и врски и
културата, кои се насочени кон промена на грижата за лицата со инвалидност од институциите, во грижа на заедницата.
Студијата се заснова врз преглед и анализа на постојните официјални
податоци од релевантни институции за оваа проблематика. Дополнително е користен прашалник, со цел да се соберат податоци за увид во
моменталната состојба на национално ниво, дистрибуиран до владини
организации, граѓански здруженија (НВО), професионални организации,
јавни организации за здравство и социјална заштита, како и директно
вклучување на лицата со инвалидност, следејќи го нивниот слоган: „Ништо за нас, без нас”.
Правото на лицата со инвалидност да живеат независно и да се вклучат
во заедницата, како и останатите луѓе, е утврдено во член 19 од Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со инвалидност,
која Република Македонија ја потпиша во 2007 година, а ратификува оваа година. Ова укажува на фактот дека остварувањето на правото за
самостојно живеење е од фундаментално значење, како за разбирање
на оваа Конвенција, така и за натамошните чекори кои водат кон процесот на нејзина целосна имплементација во Македонија.
Системот на грижа за лицата со инвалидност во Република Македонија
е во процес на континуирано подобрување. Во 2010 година е донесена
ревидирана Национална стратегија за изедначување на правата на лицата со инвалидност во Република Македонија 2010-2018. Сепак, главните предизвици се следните: во Република Македонија не постои Национален регистар на лица со инвалидност, официјалната социјална
статистика е видлива само за лица со инвалидност кои добиваат различни форми на социјална помош, вклучувајќи ги и лицата сместени во
социјални установи за долгорочна нега. Освен тоа, сé уште некои
здравствени работници гледаат на инвалидноста чисто од медицински
аспект и имаат интенција да се однесуваат кон неа повеќе како кон хронична здравствена состојба, отколку како кон социјален проблем кој
може да се ублажи со примена на холистички пристап. Правната рамка
за категоризација на лицата со инвалидност е широко критикувана, бидејќи се смета дека ги ограничува можностите на лицата со инвалидност
при целосно остварување на своите права. Сите овие предизвици треба да се земат предвид при создавањето на интегриран кохерентен
систем.
Процесот на поставување на лицата со инвалидност во институциите
мора да се реформира, при што процесот на деинституционализација
треба да биде поддржан и одржлив од сите фактори во системот. Освен
тоа, потребен е мултисекторски пристап кон грижата за оваа категорија
на население, така што интегрираниот систем на заштита да биде
изграден и оперативен, како на централно, така и на локално ниво.
Downloads
The journal allows the author(s) to hold the copyright without restrictions.
The journal allows the author(s) to retain publishing rights without restrictions.