ПРВА МАКЕДОНСКА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА PRADER-WILLI-СИНДРОМ
ДОИ:
https://doi.org/10.2478/Апстракт
На 24 ноември 2011 година во просториите на хотелот Континентал се одржа Првата македонска конференција за Prader-Willi-синдром со наслов „Вовед во синдромот и развој на мрежа“. Конференцијата беше во организација на Здружението на педијатрите на Македонија во коорганизација и соработка со добротворната фондација „Wittekindshof“ и Интернационалната организација за Prader-Willi-синдромот.
На Конференцијата присуствуваа предавачи од Германија, Италија и Македонија.
За време на официјалното отворање на Конференцијата свои воведни обраќања имаа Александар Сајковски од Здружението на педијатрите на Македонија, Елена Шукарова-Ангеловска и Norbert Hodebeck-Stuntebeck од Германија - член од здравствениот систем. Во рамките на своите обраќања, говорниците им се заблагодарија на присутните за големата посетеност и го истакнаа значењето на мултидисциплинарниот пристап кон овој проблем, формирањето на мапа на личностите со Prader-Willi-синдромот и градење на мрежа.
По воведните обраќања следуваа предавања со различни и актуелни теми кои ја третираат проблематиката на Prader-Willi синдромот.
Низ своето предавање „Вовед во синдромот на Prader-Willi“ Hubert Soyer од Германија ги запозна присутните со поставување дијагноза Prader-Willi и со бихејвиоралните карактеристики кои ги имаат овие лица. Елена Шукарова-Ангеловска од Македонија настапи со своето излагање „Генетика на синдромот на Prader-Willi“, бидејќи генетиката е во основата на овој синдром. Делецијата на татковиот 15-ти хромозом, која е најчеста причина за настанување на овој синдром, се докажува со обично кариотипизирање и FISH-метода.
Свои предавања имаа и Мирјана Кочова и Снежана Палчевска од Македонија на тема „Ендокринолошки аспекти на PWS“ преку кои ги истакнаа метаболните и ендокринолошките аспекти на овој синдром. Најголемиот број на метаболни нарушувања се последица на дисфункцијата во хипоталамусот, што е и во основата на оваа болест, нарушување на чувството за ситост. Ова доведува до компулсивно јадење. За тоа каква медицинска помош им е потребна на овие лица, беа дадени следниве препораки: менаџмент на лошата исхрана, евалуација на хипогонадизмот, менаџмент на дебелината, мониторинг на сколиозата и третман со хормонот за раст.
Constanze Lammer од Германија низ своето предавање „Нутрициона поддршка на децата со PWS“ ни презентираше практични примери од работата со деца кои го имаат овој синдром. Работеле на развивање на концепт за менаџирање на исхраната. Нагласи дека процесот не бил скап, но периодот на менување на животниот стил на тоа семејство е долг.
Norbert Hodebeck-Stuntebeck од Германија ја презентираше својата тема „Бихејвиорална терапија на деца со PW“. На почетокот од презентацијата нагласи дека во однесувањето на едно дете со Prader-Willi-синдром, веднаш треба да се определи дали одредено бихејвиорално однесување е со мал или висок ризик и според тоа да се најде начин како да се реагира. За менаџирање на нивното однесување потребно е да се направи распоред за којшто треба сите да се придржуваат.
Giorgio Fornasier од Италија со својата презентација „Преглед на активностите на Интернационалната организација за Prader-Willi-Syndrome“ нè информираше дека Организацијата нуди дијагноза, рана интервенција, третман, едукација, информации, правни совети, а воедно и организира интернационални и регионални конференции. Овозможува бесплатна дијагноза во земји каде што тестирањето не е достапно. Од 2003 година, над 300 дијагнози се воспоставени во 32 земји. Имаат 96 земји членки на оваа организација, меѓу кои е и Македонија.
Последното предавање „Дали подолго е и подобро?“ од Александар Сајковски – Македонија, се однесуваше на антибиотскиот приод на емпириската терапија. Се презентираа разликите кои постојат помеѓу вирусните и бактериските инфекции и зошто антибиотиците не делуваат на вирусните инфекции.
Освен пленарните предавања беа организирани и три работилници, од кои присутните можеа да одберат две на кои учествуваа.
Превземања
Референци
Преземања
Објавено
Издание
Секција
Дозвола
Авторско право(c) 2012 Ана Петковска

Овој труд е лиценциран како Creative Commons Attribution 4.0 International License.
