8. МЕЃУНАРОДНА НАУЧНА КОНФЕРЕНЦИЈА „СПЕЦИЈАЛНА ЕДУКАЦИЈА И РЕХАБИЛИТАЦИЈА ДЕНЕС“
Апстракт
И оваа година, традиционално, во периодот од 7 до 9 ноември 2014 година, на Факултетот за специјална едукација и рехабилитација во Белград, Република Србија, се одржа осмата по ред Mеѓународна научна конференција на тема „Специјална едукација и рехабилитација денес“. На трите конференциски денови беа презентирани трудови од страна на реномирани истражувачи и практичари од областа на специјалната едукација и рехабилитација од Република Србија, но и од земјите од странство како Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Словенија, Македонија, Русија, Италија и Грција. Трудовите беа поделени во следните актуелни области според кои беа организирани и сесиите на оваа конференција:- Техники на процена во специјалната едукација и рехабилитација;
- Облици на третман во специјалната едукација и рехабилитација;
- Нарушувања во однесувањето, деликвенција, зависничко однесување и криминал: превенција и рана интервенција;
- Нарушувања во однесувањето, деликвенција, зависничко однесување и криминал: третман и превенција на рецидиви;
- Воспитание и образование на лицата со инвалидност;
- Квалитет на животот кај лицата со инвалидност.
Конференцијата беше отворена на 7 ноември од страна на деканот на Факултетот за специјална едукација и рехабилитација, проф. д-р Јасмина Ковачевиќ. По поздравните обраќања, следуваа пленарните предавања на г-ѓа Елена Чернеева од Интернационалниот институт за аутизам во Краснојарск, Русија и г-ѓа Игнација Мариа Бартолини од Универзитетот во Палермо, Италија. Предавањето на г-ѓа Елена Чернеева беше на тема „Интернационалниот институт за аутизам како ресурс за современа практика во високообразовниот систем при обезбедување на помош за лицата со аутизам“. Во второто предавање, г-ѓа Игнација Бартолини ги пренесе италијанските искуства во врска со превенцијата на врсничкото насилство.
На оваа конференција со свои трудови учествуваа и автори од Институтот за дефектологија при Филозофскиот факултет во Скопје. Проф. д-р Владимир Трајковски и Тамара Цицковска пријавија труд на тема „Инклузија на децата со аутистичен спектар на нарушувања во редовните училишта од југозападна Македонија“, додека Катерина Митревска и проф. д-р Владимир Трајковски имаа труд со наслов „Степенот на зависност во секојдневното функционирање на децата со аутизам во споредба со децата со лесна интелектуална попреченост“. Проф. д-р Зора Јачова, проф. д-р Лена Дамовска и м-р Маја Филиповска беа автори на трудот „Ставовите на воспитувачите во однос на инклузијата на децата со посебни потреби во редовните предучилишни установи“.
Покрај предвидените сесии, на последниот конференциски ден беше реализирана и работилница од страна на г-ѓа Безрукова Наталиа Петровна од Државниот педагошки универзитет во Краснојарск, Русија, на тема „Можности за употреба на унифицирана колекција на дигитални образовни средства во образованието на децата со посебни потреби и развојни нарушувања“. По кафе-паузата за сумирање на генералните впечатоци, Конференцијата беше затворена.
Превземања
Референци
Преземања
Објавено
Издание
Секција
Дозвола
Авторско право(c) 2015 Маја Филиповска

Овој труд е лиценциран како Creative Commons Attribution 4.0 International License.
