МЕЃУНАРОДЕН КОНГРЕС НА СТУДЕНТИТЕ ОД ЕДУКАЦИСКО-РЕХАБИЛИТАЦИСКИOT ФАКУЛТЕТ, ЗАГРЕБ, 11 - 13 АПРИЛ, 2014 ГОДИНА

Автори

  • Ирена НОВАЧЕСКА Faculty of Philosophy, Ss. Cyril and Methodius University in Skopje

Апстракт

Во организација на студентите од Едукациско-рехабилитацискиот факултет од Универзитетот во Загреб, во периодот од 11 - 13 април 2014 година, во просториите на факултетот - во Универзитетскиот кампус Боронгај, се одржа Меѓународен конгрес на студентите од Едукациско-рехабилитацискиот факултет под името ЕРФУСС...’14. ЕРФУСС...’14 претставува желба на студентите од Едукациско-рехабилитацискиот факултет за обединување на комплементарните струки, со една цел – тимска работа и интер/транс/мултидисциплинарен пристап, што е содржано и во самото име на конгресот, кое претставува кратенка за: „Едукациско-рехабилитациски факултет во соработка со...“.
На конгресот, кој беше под покровителство на претседателот на Р. Хрватска г-дин Иво Јосиповиќ, Градот Загреб и Здружението на дипломирани студенти на Едукациско-рехабилитацискиот факултет на Универзитетот во Загреб, беа пријавени вкупно 247 студенти од Хрватска, Словенија, Македонија, Босна и Херцеговина, Србија, Полска и Финска. Богатата и разновидна програма на конгресот вклучуваше 6 пленарни предавања, 17 работилници, 42 активни студентски излагања, како и културно-забавни активности. Конгресот беше свечено отворен со поздравен говор од претседателот на Р. Хрватска, г-дин Иво Јосиповиќ, кој во негово отсуство беше прочитан од член на Организацискиот одбор, по што следеа обраќањата на: деканката на Едукациско-рехабилитацискиот факултет, проф. д-р Антонија Жижак, проректорката за студии и студенти на Универзитетот во Загреб, проф. д-р Блаженка Дивјак и претседателката на Здружението на дипломирани студенти на Едукациско-рехабилитацискиот факултет на Универзитетот во Загреб, проф. д-р Зрињка Станчиќ. Програмата беше збогатена и со присуството на претставниците на градот Загреб: Лада Жамарија, стручен соработник во Градската канцеларија за социјална заштита на лицата со инвалидност и Ванда Базменјак, советник во Градската канцеларија за образование, култура и спорт. Свечениот дел беше заокружен со видеопорака од членовите на Организацискиот и Програмскиот одбор на конгресот, преку која ги поздравија сите присутни. Студентските излагања беа организирани во текот на три дена, поделени во две сесии, претпладневна и попладневна, помеѓу кои се одржуваа интерактивните работилници, кои предизвикаа голем интерес кај студентите.
Институтот за дефектологија, при Филозофскиот факултет во Скопје, го претставија 10 студенти на додипломски студии, придружувани од м-р Ирена Новаческа. Ана Костадиновска и Лина Милошевска, под менторство на проф. д-р Даниела Димитрова-Радојичиќ, зборуваа на тема Брајовото писмо како средство за комуникација на слепите лица; Гордана Благојевска и Лазар Трифуновиќ, под менторство на проф. д-р Зора Јачова, презентираа за Психолошката основа на знаците од областа религија во американскиот знаковен јазик и македонскиот знаковен јазик. Под менторство на проф. д-р Владимир Трајковски свое излагање имаа 6 студенти: Нермин Рашитовиќ и Марија Димовска на тема Рана интервенција кај деца со аутизам; Стефани Накова и Симона Танеска зборуваа за Невербалната комуникација кај лица со церебрална парализа, а Ема Доневска и Андријана Кудрановиќ презентираа за Инклузијата на деца со Даунов синдром во редовна настава. Големиот број студентски излагања со различна тематика беа проследени со интерес, бројни прашања и плодна дискусија од страна на аудиториумот, што секако резултираше со размена на теоретски и практични искуства од областа на едукацијата и рехабилитацијата на лицата со инвалидност, како и зголемување на нивните стручни компетенции.
Конгресот беше свечено затворен со обраќањето на продеканката за настава, проф. д-р Мирјана Ленчек и претставник од Одборот на конгресот, со надеж и желба за повторна средба, соработка и дружење, по што следуваше музичка програма и свечен ручек за сите учесници.

Превземања

Податоците за превземање не се сè уште достапни.

Референци

Преземања

Објавено

2014-09-30

Како да се цитира

МЕЃУНАРОДЕН КОНГРЕС НА СТУДЕНТИТЕ ОД ЕДУКАЦИСКО-РЕХАБИЛИТАЦИСКИOT ФАКУЛТЕТ, ЗАГРЕБ, 11 - 13 АПРИЛ, 2014 ГОДИНА. (2014). Дефектолошка теорија и практика, 15(3-4), 130-132. https://journals.ukim.mk/index.php/jser/article/view/5095