ПОСЕТА НА ДОЦ. Д-Р БЛЕЈК ХАНСЕН: СПРОВЕДЕНО ИСТРАЖУВАЊЕ, ОБУКИ ЗА РОДИТЕЛИ, ОДРЖАНИ ДВЕ ПРЕДАВАЊА ВО СОРАБОТКА СО МНЗА
Апстракт
Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА) во соработка со доц. д-р Блејк Хансен и неговиот тим спроведе истражување и обуки кои се одржаа во Скопје, Р. Македонија.
Доц. д-р Блејк Хансен предава на Бригам Јанг универзитетот во Прово, Јута, САД на одделот за советодавна психологија и специјална едукација. Исто така, предава на Универзитетот за медицина во Јута, оддел педијатрија. Негова преокупација се предметите за проценка на однесувањето и рана интервенција, инструкции за читање и говор и модел на истражување со мал примерок. Има работено со дипломирани студенти од областите на специјална едукација, рана едукација, училишна психологија, советување, експериментална психологија и говорно-јазична патологија. Неговите истражувања се фокусирани на проценката и интервенцијата кај предизвикувачкото однесување кај лица со интелектуална попреченост, на видовите и функциите на репетитивното однесување и анксиозните нарушувања кај лица со интелектуална попреченост.
Колегата Хансен има објавено трудови во различни списанија, како списанието за практични анализи кај однесувањето, ремедијална и специјална едукација, детска и семејна терапија за однесувањето и други.
По претходно направени консултации тимот на МНЗА го започна истражувањето во март кога беа повикани родители на деца со аутистичен спектар на нарушувања (АСН) да учествуваат во обуките и истражувањето. На повикот се пријавија 18 родители. Откако завршија подготовките во предистражувачкиот период, самото истражување започна со одржување на информативна сесија на 07. 04. 2016 година во просториите на Филозофскиот факултет во Скопје. На информативната сесија проф. д-р Владимир Трајковски им посака добредојде на учесниците во истражувањето и им се заблагодари за нивното учество. За време на информативната сесија учесниците пополнуваа прашалници и беа информирани за текот и активностите кои ќе се преземаат во текот на истражувањето. Преку скајп-програмот за комуникација се приклучи и доц. д-р Блејк Хансен кој им се претстави на учесниците и им се заблагодари за нивното учество. Тој беше достапен до крајот на сесијата и одговараше на прашањата кои му беа поставувани од страна на учесниците во однос на бихејвиоралниот третман кај децата со АСН. Учесниците беа известени дека ќе бидат распоредени по шест родители во три групи за полесно извршување на вториот дел од истражувањето, односно обуките.
Обуките беа одржани од 25. 04. 2016 до 27. 04. 2016 година. На секоја од нив учествуваа по шест учесници. Обуките ги изведуваа тимот на МНЗА и тимот на доц. д-р Блејк Хансен. Секоја обука траеше во просек околу 2 часа. Беа дискутирани начините со кои се справуваме со предизвикувачкото однесување кај децата со АСН. Потоа, беа дискутирани и начините преку кои се подобрува контактот со очи, се подобрува нивото на послушност, како и начините како се намалуваат стереотипните движења кај децата со АСН. Секоја обука започнуваше со топло добредојде од страна на претседателот на МНЗА и доц. д-р Блејк Хансен. По успешно извршените обуки учесниците беа известени за понатамошните активности кои ќе се одвиваат во текот на месеците мај и јуни.
Откако завршија обуките, на 28. 04. 2016 година во амфитеатар 4 на Филозофскиот факултет во Скопје со почеток во 10:00 часот доц. д-р Блејк Хансен одржа две предавања на следниве теми:
- Процена и третман на нарушувањата во однесувањето кај лица со аутизам и слични развојни нарушувања и
- Модел на истражување со мал примерок.
На првото предавање присуствуваа 55 слушатели од разни стручни профили и тоа: дефектолози, психолози, педагози, како и родители на деца со АСН и студенти од Институтот за дефектологија. Предавањето заедно со дискусијата траеше два часа и беше интерактивно во кое слушателите беа активно вклучени во пронаоѓање на заеднички решенија за предизвикувачките однесувања кај децата со АСН.
Второто предавање започна во 13:00 часот истиот ден, а слушателите беа професори, доценти, магистри, доктори на наука како и постдипломци од различни профили. Ова предавање беше наменето за тоа како подобро да се изработи научен труд со мал број испитаници и истовремено да се зголемат шансите за тој научен труд да биде прифатен и објавен во научно списание со импакт фактор. Заинтересираноста на ова предавање помеѓу слушателите беше голема. Предавањето заврши во 14:30 часот.
Откако завршија предавањата, проф. д-р Владимир Трајковски му се заблагодари на доц. д-р Блејк Хансен и неговиот тим за нивната посета и му подари неколку броја од списанието Дефектолошка теорија и практика и изрази желба за понатамошна соработка.
Превземања
Референци
Преземања
Објавено
Издание
Секција
Дозвола
Авторско право(c) 2016 Филип Јуртоски

Овој труд е лиценциран како Creative Commons Attribution 4.0 International License.
