ПРОСЛАВА ПО ПОВОД 3. ДЕКЕМВРИ, МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА ЛИЦАТА СО ИНВАЛИДНОСТ
Апстракт
На 2. декември 2016 година во големиот амфитеатар на Филозофскиот факултет во Скопје, во организација на Институтот за дефектологија се одржа прослава по повод одбележувањето на 3. декември, Меѓународниот ден на лицата со инвалидност.
Официјалниот дел на програмата, со свое обраќање го отвори проф. д-р Горан Ајдински, декан на Филозофскиот факултет во Скопје. На присутните гости на прославата им се обрати и ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, како и министерот за труд и социјална политика на Република Македонија, д-р Фросина Ташевска-Ременски.
По трите обраќања во кои беа нагласени досегашниот вложен труд и идните заложби за инклузија и пристапност на лицата со инвалидност, следуваше доделување на две награди од хуманитарната фондација „Проф. д-р Љупчо Ајдински“.
Првата награда за студент со постигнат највисок просечен успех во својата гене-рација за време на студиите по специјална едукација и рехабилитација, ѝ беше доделена на Симона Костадинова за постигнатиот просечен успех од 9,65, во генерацијата запишана во учебната 2011/2012 година. Втората награда беше наменета за највисоко рангираниот студент при уписот на Институтот за дефектологија во академската 2016/2017 година.
Наградата ѝ беше доделена на Надица Ѓерасимова со освоени 97,70 поени.
Покрај двете награди, фондацијата „Проф. д-р Љупчо Ајдински“ додели и две признанија за хуманост. Првото признание му беше доделено на Институтот за дефектологија за долгогодишната хумана активност во подготовка на дефектолошки кадри и едукација и рехабилитација на лицата со пречки во развојот. Второто признание беше наменето за проф. д-р Кирил Темков за бројните покренати и реализирани хумани активности, пред сѐ, за објавениот научен труд за етичките димензии на дефектологијата и воведувањето на етиката во образовниот систем во Република Македонија.
Последниот дел од програмата беше на-менет за изведби од културно-уметнички карактер на учениците од посебните и редовните училишта и заводите за рехабилитација и едукација од земјата. Во овој дел учествуваа ученици од Заводот за рехабилитација на деца и младинци од Скопје со поетско читање на песни, ученици од ДУЦОР „Партенија Зографски“ настапија со танц на музика од Мајкл Џексон, ученици од ОУ „Владо Тасевски“ имаа музички настап на две песни проследени со превод на знаковен јазик. Со балетска точка програмата ја збогатија учениците од ПОУ „Иднина“, додека учениците од ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ имаа две музички изведби, вокална и инструментална. Програмата беше завршена со фолклорна точка на учениците од Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор и глас и други проблеми во развојот „Кочо Рацин“ од Битола.
Превземања
Референци
Преземања
Објавено
Издание
Секција
Дозвола
Авторско право(c) 2017 Маја Филиповска

Овој труд е лиценциран како Creative Commons Attribution 4.0 International License.
