Проценка на влијанието на глобалната финансиска криза врз социо-економските детерминанти и здравјето на населението во Република Македонија
Апстракт
Глобалната економска криза која го погоди светот, сериозно ја
загрозува и нашата земја, при што се предвидува пад на економијата
за 1.6%, продлабочување на невработеноста, сиромаштијата, пад
на животниот стандард, високо ниво на социјална и економска
несигурност. Тоа може да резултира со зголемување на бројот на
населението кое има потреба од социјална помош од државата.
Додека официјалниот број на вработени лица во второто тримесечје
на 2009 година е зголемен за 4.8% споредено со истиот период
во 2008 година, невработеноста во државата и натаму е висока,
со 31.9%. Некои категории работници се особено изложени на
ризик од економскиот пад, вклучувајќи ги и младите, помалку
квалификуваните, невработените со долг „стаж” на чекање работа,
привремено вработените, жените, етничките малцинства и старите
лица.
Во 2008 година, 28.7% од населението било под линијата на
сиромаштија, со сличен процент на оние кои се над, но многу блиску
до таа линија, при што сиромаштијата се продлабочува. На најголем
ризик од сиромаштија се изложени семејствата со повеќе членови,
семејствата чии членови се со ниско образование, семејствата со
повеќе деца, Ромите. Сиромаштијата и ранливоста не се подеднакво
распоредени во овие групи.
Постои недостиг на ефикасен систем за следење на влијанието на
економската криза врз здравјето. Всушност, клучните здравствени индикатори за милениумските развојни цели (МРЦ) не се влошени во
земјата, смртноста на доенчињата е 9.7/100.000, смртноста на деца
под 5 години е 11/10.000, а смртноста на мајките 0/100.000, и истите
се и натаму во фаза на подобрување. Но, и покрај ваквата општо
позитивна слика и реформите кои веќе се во тек, здравствениот
систем не пристапи кон рационализација на здравствените служби
и услуги и нивна подеднаква дистрибуција на регионално ниво.
Истовремено, превентивните, или јавно здравствените функции, се
исклучително ниско финансирани.
Механизмите за финансирање на здравствениот систем имаат,
исто така, влијание врз социјалните нееднаквости во добивањето
здравствена заштита, посебно кај ранливите групи. Бездомниците
и корисниците на програми за социјална помош, старите лица и
другите спомнати погоре, се со најголем ризик да бидат погодени од
недостигот на ресурси во системот за здравствена заштита и широко
распространетата сиромаштија во државата.
Со цел да го намали ефектот на финансиската криза и да ги заштити
најранливите групи, во јули 2009 година, Владата воведе основно
здравствено осигурување за сите граѓани. Ова, заедно со другите
спроведени реформи во финансирањето на социјалното осигурување
и персоналните даноци, како што е намалувањето на придонесите за
здравство (од 9.2% на 6% до 2011 година) и пензиите, воведувањето
бруто плата, завршување на хармонизацијата за процена на
основицата за задолжително осигурување, би требало да придонесе
за натамошни подобрувања во социјалната сфера, покачување на
платите, намалување на стапката на невработеност.
Сепак, јасно е дека последиците на финансиската криза врз
домаќинствата ќе мора да се спречат со инвестиции, пред сé, во
инфраструктурата за услуги во социјалната заштита, образованието
и здравството, со цел да се зголеми потребата од работна сила,
паралелно со подобрување на пристапот до различни социјални
услуги, вклучувајќи ги и здравствените.
Downloads
The journal allows the author(s) to hold the copyright without restrictions.
The journal allows the author(s) to retain publishing rights without restrictions.