Чија е оваа грижа? Културни и институционални бариери за пристап до социјални и здравствени услуги за Ромите кои употребуваат дроги

  • Вања Димитриевски Институт за етнологија и антропологија, Природно-математички факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Скопје ХОПС - Опции за здрав живот, Скопје
Клучни зборови: Роми, Роми кои употребуваат дроги, Роми кои инјектираат дроги, малолетни Роми кои употребуваат дроги, опијати, опиоиди

Апстракт

Како резултат на културните норми и институционалните бариери, што
не ја земаат предвид културата на Ромите, Ромите кои употребуваат
дроги во Македонија, како и мнозинството Роми како заедница, живеат
во услови на крајно маргинализирана општествена положба и сиромаштија, што, од друга страна, ограничувачки влијае врз можностите за искористување на нивното право на социјална и здравствена заштита. Ромите кои употребуваат дроги искусуваат продлабочени нивоа на маргинализација, што е особено препознатливо во случаите кога се изразува
намера за лекување на зависноста од дроги.
Ромите кои употребуваат дроги немаат практика да бараат помош од
институциите за социјална и здравствена заштита заради проблеми настанати како последица на употребата на дроги. Забележлива е недовербата кон центрите за социјална заштита, а здравственото осигурување
ретко го искористуваат и оние кои успеале да стекнат такво право, најчесто заради финансиска немоќ, но и заради недоверба кон институциите.
Особено е сложена положбата на малолетните Роми кои употребуваат
дроги, најмногу заради тоа што остварувањето на нивните права на социјална и здравствена заштита првенствено зависи од нивните родители/старатели. Несоодветната законска регулатива и несоодветните програми за лекување на зависност од дроги кај малолетни лица, особено
за лица помлади од 16 години, претставува најголемата институционална
бариера за лекување на зависноста од дроги кај малолетните Роми.
Олеснителна околност за поефикасна социјална и здравствена заштита
за Ромите кои употребуваат дроги се здруженијата на граѓани кои преземале улога на посредници меѓу Ромите и надлежните институции/организации. За да ги надминат слабостите на институционализираниот
систем, овие здруженија овозможуваат одредени бесплатни социјални
и здравствени услуги за Ромите кои употребуваат дроги. Сепак, нивната
работа не може, и не треба да биде покритие за службите чија работа
се финансира од Буџетот на Република Македонија.
Според постојните сознанија, остварувањето на правата на социјална
сигурност е сложено прашање и бара мултидисциплинарен пристап, во
кој остварувањето на граѓанските права ќе биде усогласено со културните
вредности и начинот на живот на Ромите. Се разбира, тоа не е едноставно
и бара вклучување на здружени напори на сите надлежни институции и
организации и стручни лица од различни профили, но тоа е единствениот
начин за исполнување на обврските и надлежностите што државата ги
презема кон своите граѓани за остварување на нивните права на рамноправен пристап до социјална и здравствена заштита.

Downloads

Download data is not yet available.
Објавено
2011-12-01
Како да цитирате