Достапност до контрацепција и достапност и задоволство од здравствените услуги поврзани со репродуктивното здравје на жените во Република Македонија

  • Борјан Павловски Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените во Република Македонија - ЕСЕ, Скопје
Клучни зборови: Контрацепција, репродуктивно здравје, жени, гинеколошка здравствена заштита

Апстракт

Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените во РМ
(ЕСЕ) во текот на 2009 година спроведе теренско истражување помеѓу населението во Р. Македонија во однос на сексуалното и репродуктивното здравје
и правата. Истражувањето се спроведе на репрезентативен примерок од 2.500
испитаници, мажи и жени, од сите осум статистички региони во Македонија.
Од вкупниот број испитаници, 1.346 беа жени.
Во овој текст се прикажани наодите од истражувањето поврзани со: 1) знаењата, употребата и достапноста на контрацепцијата меѓу жените во РМ, и
2) пристапот и достапноста на здравствените услуги за жените поврзани со
сексуалното и репродуктивното здравје.
Наодите од истражувањето покажаа дека употребата на контрацепцијата и
заштитата при сексуални односи е на незадоволително ниво помеѓу жените
и истата е пониска помеѓу жените кои се во брак или во невенчана заедница,
за разлика од жените кои не се во брак. Разлики во стапката на употребата
на контрацепција се бележат помеѓу жените кои живеат во рурални и во
градски средини, при што е пониска помеѓу жените од руралните средини.
Разлики во користењето на контрацепција постојат и според етничката припадност на жените, при што жените Македонки во најголем процент користат контрацепција, додека жените Ромки најмалку. Главна причина за некористење на контрацепција претставува недоволната информираност на жените за средствата за контрацепција. Покриеноста на жените со примарната гинеколошка здравствена заштита и
со редовни превентивни гинеколошки прегледи со ПАП-брис е на недоволно
ниво. Разлики во опфатеноста со примарна гинеколошка здравствена
заштита се бележат помеѓу жените од руралните и градските средини, при
што состојбата е понеповолна кај жените од руралните средини. Фактори кои
влијаат врз оваа состојба се: несоодветната територијална покриеност со гинеколози од примарната здравствена заштита; недоволниот број гинеколози
во примарната здравствена заштита, како и неинформираноста на жените за
значењето на редовните превентивни гинеколошки прегледи.
Опфатеноста со здравствената заштита за време на бременоста и породувањето е универзална и со истата се опфатени сите жени на територијата
на Р. Македонија. Меѓутоа, значителен процент жени искажуваат делумно
незадоволство од здравствените услуги добиени за време на бременоста и
породувањето.
Службата за поливалентна патронажа бележи недостатоци во опфатеноста
на жените за време на бременоста и по породувањето. 

Downloads

Download data is not yet available.
Објавено
2020-07-10
Како да цитирате
Павловски, Б. (2020). Достапност до контрацепција и достапност и задоволство од здравствените услуги поврзани со репродуктивното здравје на жените во Република Македонија. Ревија за социјална политика/Journal of Social Policy, 3(5), 439-456. Retrieved from https://journals.ukim.mk/index.php/socpol/article/view/2138