Филолошки студии

„Филолошки студии“ е славистичко списание од областа на хуманистичките науки со широк опсег на научни истражувања од областите на: лингвистиката, теоријата на литературата, фолклористиката, философијата, културологијата и историјата. Секој број на списанието ги содржи следниве рубрики:

  1. Филозофско-културолошки проблеми
  2. Историја и филологија
  3. „Зборот“ во историско-културолошки контекст (споредбен аспект)
  4. Литературата во интеркултурен контекст
  5. Современото општество во културата, во јазикот и литературата
  6. Проучување на говорот и лингводидактика
  7. Рецензии и информации

„Филолошки студии“ е електронско списание со отворен пристап до секоја објавена статија, што значи дека содржината е достапна целосно и бесплатно за индивидуални корисници или за институции. Корисниците можат да ги читаат, да ги преземаат, да ги копираат и да ги дистрибуираат објавените статии. Дозволено е и пребарување на статиите, како и нивно користење за други легални цели без претходно барање дозвола од издавачот или од авторот, а во согласност со Будимпештанската иницијатива на отворен пристап (BOAI).

Списанието излегува два пати годишно. Во него се објавуваат научни трудови на: македонски, српски, руски, словенечки, хрватски и англиски јазик. Списанието прифаќа само оригинални статии, т. е. оние што веќе не се објавени на кој било јазик и што не се во процес на разгледување за објавување во други списанија. Авторите се носители на авторските права и ги задржуваат правата на објавување и на користење на статиите. Објавувањето во списанието е бесплатно.

Нашето списание претставува резултат на заедничката работа на Институтот за македонска литература на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (Македонија), Институтот за книжевност и уметност во Белград (Србија), Филолошкиот факултет на Универзитетот во Перм (Русија), Филозофскиот факултет на Универзитетот во Љубљана (Словенија) и Филозофскиот факултет на Универзитетот во Загреб (Хрватска).

Списанието „Филолошки студии“ е вклучено во следните бази на податоци: Централната и Источноевропската онлајн библиотека (CEEOL), Рускиот индекс на научно цитирање (РИНЦ), Хрватскиот портал на научни списанија (Hrčak), Aмериканската асоцијација за современ јазик (MLA), базата на EBSCO, на PROQUEST и на GALE.