ДЕВИЈАНТНО ОДНЕСУВАЊЕ КАЈ АДОЛЕСЦЕНТИТЕ СО ЛЕСНА ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ

Автори

  • Емилија ГЕОРГИЕВА Special Primary School "Idnina", Skopje, Macedonia

ДОИ:

https://doi.org/10.2478/

Апстракт

Современите текови на живеење и општествените промени низ кои минува нашата држава сè понегативно влијаат на развојот и однесувањето на младата популација.
Адолесцентите со интелектуална попреченост, поради дефицитот во своето интелектуално функционирање, се изложени на уште поголем ризик од појава на девијантни облици на однесување.
Магистерскиот труд е презентиран на 136 страници, а во структурата на трудот се вклучени следните поглавја: Вовед, Теоретски пристап кон проблемот на истражувањето и Истражувачки дел кој се состои од три целини: Методологија на истражувањето, Резултати и дискусија и Заклучок и препораки. Во трудот е наведена користената литература и прилози.
Во воведниот дел се наведени причините, односно ризичните фактори за појавата на различните облици на неприфатливи форми на однесување кај адолесцентите, вклучително и адолесцентите со лесна интелектуална попреченост.
Во теоретскиот дел е дефиниран поимот девијантно однесување, даден е приказ на превентивни и ризик фактори асоцирани со семејството, училиштето, групите на врсници и социјалната средина, како и опис на различните видови на девијантно однесување, општествената реакција и превентивните мерки за спречување на истите.
Исто така во теоретскиот дел е дефиниран поимот адолесценција, дадени се повеќе дефиниции и класификација на интелектуалната попреченост, како и можните облици  за образование и воспитание на оваа категорија лица.
При поставувањето на методологијата дефинирани се предметот, целта и карактерот на истражувањето, задачите, хипотезите, варијаблите, методите, техниките и инструментите на истражувањето.
Предмет на истражувањето e добивање сознанија за присуството на девијантни форми на однесување кај адолесцентите со лесна интелектуална попреченост.
Основна цел на истражувањето е да да се утврди ризикот од појава на девијантно однесување кај адолесцентите со лесна интелектуална попреченост кои живеат во семејство во споредба со адолесцентите со лесна интелектуална попреченост сместени во ученички домови, како и компарација на појавата на девијантни форми на однесување во двете посебни средни училишта.
Примерокот се состои од: адолесценти (211) со лесна интелектуална попреченост, воспитно-образовниот кадар во посебните средни училишта (39) и членови на стручниот тим (5). 
Статистичката обработка на податоците е извршена со Windows-програмата R x C за анализа на табели на контингенција и Fisher Exact-тест, а како сигнификантни беа земени разликите на ниво на значајност од p<0.05.
Истражувањето беше реализирано во ДСУ „Искра“, Штип и ДСУ „Св. Наум Охридски“, Скопје во периодот од април до мај 2011 година.
Со анализа на добиените резултати се констатира дека училиштата немаат соодветна евиденција за девијантни појави меѓу учениците. Статистичката обработка на податоците покажа дека  училишниот успех влијае на појавата на несакано однесување (p<0.001). Според мислењето на воспитно–образовниот кадар и стручниот тим, во 56.8% од случаите адолесцентите со лесна интелектуална попреченост немаат доволно сознанија за негативните последици од ваквото однесување и 70.45% од нив  ретко самоиницијативно започнуваат разговор или бараат помош. Родителите на овие ученици во 86.4%  од случаите се главно незаинтересирани за соработка со училиштата. Исто така, резултатите од истражувањето покажуваат дека во поголем број случаи девијантни форми на однесување се забележани кај постарите ученици (p<0.05) кои живеат подолг период во ученички домови. Учениците од ромска етничка припадност во поголем обем  (57.1%) манифестираат девијантни форми на однесување.
Заклучоците ја истакнуваат потребата од активна и заемна соработка на сите надлежни субјекти што ја третираат оваа проблематика со цел навремено да се евидентираат појавите на девијантно однесување и да се преземат мерки и активности за сузбивање на ваквите несакани облици на однесување.

Превземања

Податоците за превземање не се сè уште достапни.

Референци

Преземања

Објавено

2012-09-30

Како да се цитира

ДЕВИЈАНТНО ОДНЕСУВАЊЕ КАЈ АДОЛЕСЦЕНТИТЕ СО ЛЕСНА ИНТЕЛЕКТУАЛНА ПОПРЕЧЕНОСТ. (2012). Дефектолошка теорија и практика, 13(3-4), 127-129. https://doi.org/10.2478/

Најчитани трудови од истиот автор(и)