МЕЃУНАРОДЕН СИМПОЗИУМ МЕДИЦИНСКИ СТАВОВИ ЗА ТРИСОМИЈА 21 И АУТИЗМОТ - СВ. КРИЖ ЗАЧРЕТЈЕ, Р. ХРВАТСКА
Апстракт
На 23 и 24 мај 2014 година во Стара Школа, Мирковец (општина Св. Криж, Зачретје, Р. Хрватска) беше одржан меѓународен симпозиум на тема Современи медицински ставови за трисомија 21 и аутизам во организација на здружението Трисомија 21 од Загреб, a под покровителство на Претседателот на Р. Хрватска, Министерствата за здравство и социјална политика и градоначалникот на Крапинско-загорската општина.
Одржувањето на симпозиумот е резултат на долгогодишното искуство во работата со лица со Down-синдром и нивните родители, а со цел зголемување на нивото на свесноста и знаењата кои ќе придонесат за поквалитетен и поздрав начин на живот на лицата со Down-синдром.
На симпозиумот учествуваа голем број меѓународно признати стручни лица и родители на деца со Down-синдром.
Првиот ден на симпозиумот изобилуваше со голем број интересни и актуелни теми. Проф. д-р Драженка Блажи од Р. Хрватска зборуваше за раната комуникација кај децата со Down-синдром и аутизам - сличности и разлики, можности и ограничувања; проф. д-р Владимир Груден имаше одлична презентација на тема Автоген тренинг; доц. д-р Луца Ловречиќ од Словенија ги запозна присутните со најновите пристапи и технологии во генетското дијагностицирање на трисомија 21 и аутизам.
Голем интерес и внимание кај присутните на симпозиумот предизвика предавањето на претставниците од Македонија: проф. д-р Владимир Трајковски, кој ги презентираше најновите научни сознанија за поврзаноста меѓу Down-синдромот и аутизмот, додека окупациониот терапевт Стојан Андонов преку работилница практично ги запозна учесниците со начинот на примена на арт-терапијата.
Вториот ден од симпозиумот м-р Емилија Георгиева ја презентираше темата Адаптација и мобилност на семејствата со деца со Down-синдром, а дипломираниот дефектолог Николче Нешевски имаше краток осврт за вклучувањето на децата со Down-синдром во образовниот систем во Р. Македонија. Примената на Конвенцијата за правата на лица со попреченост во Германија беше претставена од страна на Wiebke Majoor Sozpad, социјален работник од Германија.
Голема доза на емоции кај присутните предизвикаа излагањата на г-ѓа Хелена Меловник-Зрињски, извршен директор на здружението Трисомија 21 и г-ѓа Даниела Рац-Колариќ, потпретседател на здружението Трисомија 21, кои ги изнесоа своите животни приказни и секојдневните искуства со дете со Down-синд¬ром. Во рамките на симпозиумот беше одржана и работилница наменета за родителите на деца со Down-синдром и аутизам Супортативна група за родители – перцепција на квалитетот на животот на родителите и начин на соочување со стресот.
Одржувањето на симпозиумот овозможи запознавање со најновите научни достигнувања од различни области кои ја третираат проблематиката на Down-синдромот и аутизмот, како и стекнување на нови практични искуства и пристапи во работата со овие лица, со крајна цел подобрување на севкупното функционирање на лицата со Down-синдром и аутизам и нивните семејства. Оттука се наметна и потребата за одржување на континуитет во организирањето на научни собири од ваков тип.
Превземања
Референци
Преземања
Објавено
Издание
Секција
Дозвола
Авторско право(c) 2014 Емилија Георгиева

Овој труд е лиценциран како Creative Commons Attribution 4.0 International License.
