ИЗВЕШТАЈ ЗА ПРОЕКТОТ ПРОГРАМА ЗА ЦЕЛОСНА СОЦИЈАЛИЗАЦИЈА НА ДЕЦА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ ВО НИВНИТЕ ЗАЕДНИЦИ
Апстракт
Од февруари 2014 година, во временски период од една година, во четири општини во југоисточна Македонија се имплементираше проектот „Програма за целосна социјализација на деца со посебни потреби во нивните заедници“. Овој проект е финансиран од Европскиот инструмент за демократија и човекови права, одговарајќи на повикот за грантови од 2012 до 2013 година, а имплементиран од Фондацијата Аполонија од Гевгелија како водечка организација и Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА), како главен партнер.
Вкупниот буџет на проектот „Програма за целосна социјализација на деца со посебни потреби во нивните заедници“ е во износ од 83000€ од кои 77000 € се обезбедени од Европската Унија преку ЕИДХР, а придонесот на Фондацијата Аполонија е 6000 €. Општата цел на проектот е да се зголеми социјалната интеграција и развојот на децата со посебни потреби во 4 општини во југоисточниот регион.
Специфични цели:
- да се зголеми капацитетот за работа со деца со посебни потреби на 320 учесници од 4 општини: наставници од 9 основни училишта, 7 градинки, родители, поединци и организации кои се занимаваат со оваа проблематика и млади лица;
- да се зголеми капацитетот за работа со деца со посебни потреби преку 11 семинари;
- сите ресурси и информации од семинарите да бидат достапни на веб-страницата за идно користење и поддршка;
- зголемување на свеста, видливоста и прифаќањето на децата со посебни потреби како дел од училишниот систем и програмите на заедницата, промовирање на раното детектирање на сензорни проблеми во градинките, овозможување сензорна терапија за деца со посебни потреби, овозможување услови за рехабилитација на деца и младинци со посебни потреби.
Во рамките на проектот, во периодот од март 2014 до декември 2014 се одржаа 11 семинари за наставници од 9 основни училишта и неколку градинки, родители на деца со посебни потреби, дефектолози, стручни лица, поединци и организации кои се занимаваат со работа со деца со посебни потреби и млади лица. Вкупниот број на учесници во овие настани е над 400 лица. Оваа е листата на одржаните семинари/работилници и форуми:
- 17 и 18 март 2014 – Инклузија на деца со посебни образовни потреби – Македонско научно здружение за аутизам;
- 11 април 2014 - Форум Аутизмот како енигма - Џ. Киначи од Турција;
- 07 мај 2014 - Форум за аутизам - МНЗА;
- 12 и 13 мај 2014 – Едукативна поддршка, вовед во примена на теоријата Сензорна интеграција - Центар за специјална едукација и рехабилитација од Белград, Р. Србија;
- 12 и 13 јуни 2014 - Споделување на искуства за практичната работа во сензорна соба - МНЗА;
- 17 и 18 јуни 2014- Инклузија на децата со посебни потреби во училиштето и релевантни статегии за применета бихејвиорална анализа (АБА) - едукативен центар за аутизам Монороди од Атина, Р. Грција;
- 19 и 20 јуни 2014 – Учење на вербално однесување на аутистични и други деца со посебни потреби, со лесни и умерени сознајни говорни нарушувања – едукативен центар за аутизам Монороди од Атина, Р. Грција;
- 23 и 24 септември 2014 – Основи на Арт- терапијата и примена кај деца со посебни потреби - БААТ-ПИСЕЛ (Бугарско здружение на арт-терапевти) - Р. Бугарија;
- 07 и 08 октомври 2014 - Семинар Тренинг на мозокот или Brain Gym - EDU-MOVEO здружение од Хрватска;
- 20 и 21 ноември 2014 - Семинар Монтесори методот во работа со деца со посебни образовни потреби - Македонско здружение Монтесори и
- 11 декември 2014 – Примена на визуелни стратегии во работата со деца со посебни потреби во училиште – МНЗА - Македонско научно здружение за аутизам.
Со средствата од проектот, исто така, се опремија 3 сензорни соби и тоа во основните училишта во Валандово, Дојран и Богданци и една терапевтска соба во рамките на Дневниот центар за лица со посебни потреби во Гевгелија, во кои работно беа ангажирани тројца дефектолози и еден физиотерапевт. Беа предвидени и имплементирани 20 активности за промоција на социјалната инклузија на децата со посебни потреби во нивните заедници, под мотото Ден во природа. Ден во природа е инклузивна програма на Фондацијата Аполонија, наменета за сите деца каде секоја сабота и недела, деца на возраст од 6 - 12 години одат на излети во природа, и учат работи поврзани со природата и како да ја заштитат.
Во секоја општина вклучена во овој проект, беа одржани состаноци со родители на деца со посебни потреби и формирани групи за поддршка на овие родители.
Исто така, се креираше веб-страница за документирање и споделување информации во врска со овој проект: www.socialinclusion.mk.
Во моментов проектот е во завршна фаза, се прави евалуација и се пишуваат извештаи.
Според евалуационите листови од сите настани, анкетните листови за наставниците и сензорните профили на децата, сите предвидени цели во најголем дел се остварени.
Со реализацијата на овој проект се актуелизираше прашањето за социјалната вклученост на децата со посебни потреби во 4 локални заедници, и според остварените дискусии со лицата кои учествуваа во активностите, произлезе заклучок дека има реална потреба од вклучување на сите релевантни институции во изнаоѓање на системски решенија и сеопфатен пристап во подобрување на моменталната состојба со инклузијата на децата со посебни потреби. Потребно е континуирана едукација на кадарот кој работи во образованието, значи повторно спроведување на практични работилници за професионален развој на наставниците и дефектолозите во насока на подобрување на третманот на децата со посебни потреби во училиштата. Исто така, потребни се и вложувања од страна на локалните власти во човечки ресурси кои би работеле индивидуално на рехабилитацијата и подобрувањето на способностите на децата со посебни потреби. Групите на родители и дефектолози во 3 општини с¢ уште се обидуваат да обезбедат согласност од локалните општини и надлежните министерства за вработување на двајца дефекотолози и еден физотерапевт во сензорните соби во Валандово и Богданци и терапевтската соба во Гевгелија. Се надеваме дека резултатите ќе бидат доволен мотив и поттик овие барања да бидат прифатени. Фондацијата Аполонија и МНЗА ќе продолжат со својот ангажман во насока на подобрување на социјализацијата на лицата со посебни потреби.
Превземања
Референци
Преземања
Објавено
Издание
Секција
Дозвола
Авторско право(c) 2015 Јасмина Трошанска

Овој труд е лиценциран како Creative Commons Attribution 4.0 International License.
