ПРВА ТРИБИНА ЗА ЗНАЧЕЊЕТО НА ИМПАКТ ФАКТОРОТ ЗА НАУКАТА ВО МАКЕДОНИЈА
ДОИ:
https://doi.org/10.2478/Апстракт
На ден 25 Јуни 2012 година на Филозофски факултет во Скопје се одржа првата трибина за значењето на импакт факторот за науката во Македонија. Трибина од ваков значаен карактер беше организирана за првпат во нашата земја и затоа го привлече вниманието и интересот на значаен број посетители и покрај големите температури и летните одмори. Присутните имаа можност да слушнат и научат значајни информации за импакт факторот, слабостите и недостатоците, проблемите со кои секојдневно се соочуваат македонските списанија како и прикажување на еден краток осврт за едуцирање на младите идни универзитетски луѓе за правилно објавување на своите трудови во списанија.
На самиот почеток проф. д-р. Владимир Трајковски, кој беше воедно и еден од главните организатори за реализирање на оваа трибина, започна со кратко претставување на предавачите и воедно им се заблагодари на присутните слушатели кои решија да научат, да ги прошират и да ги споделат своите размислувања за оваа сè уште сензитивна тема во Македонија. Оваа трибина, благодарејќи на напредната технологија, беше понудена да се гледа и слуша во живо на интернет за сите оние кои не можеа директно да присуствуваат.
Прв свое излагање имаше проф. д-р Мирко Спироски од Институтот за имунобиологија и хумана генетика на тема „Мерење научен придонес“. Тој во своето излагање зборуваше за сциентометријата како наука за мерење и анализирање на науката и дека истата најмногу е базирана на трудовите на Дарек Ј. Де Солла и Еугене Гарфиелд. Зборуваше за импакт факторот на влијание како мерка која го покажува просечниот број на цитирања на научните публикации во научните списанија како и за негово пресметување и манипулирање. Исто така тој демонстрира и графички прикази за мерењето на научниот придонес на списанија како и за мерење на научен придонес и пребарувања на списанија од Македонија. Преку неговото предавање успеа да прикаже една реална слика за важноста на импакт факторот, каде се наоѓа Македонија и проблемите со кои таа се соочува.
Потоа свое излагање имаше Димитар Попоски на тема „Импакт факторот наспроти слободен пристап“. Тој зборуваше за значењето на импакт факторот како и за финансиските трошоци за стекнување на соодветно знаење. Главниот акцент беше ставен на тоа што значи постоење на отворен пристап односно постоење на бесплатен пристап на интернет, читање, симнување и користење на објавените научни публикации во значајни списанија сè со цел проширување на своето знаење како професионалци во својот домен на истражувања. Тој го потенцира и импакт факторот во високото образование во Македонија што и како треба да се прави напишано во постоечкиот закон за образование како и тоа што треба да се преземе за овозможување на овој слободен пристап за потребата на науката.
На крај своја презентација имаше проф. д-р Владимир Трајковски од Институтот за дефектологија на тема „Импакт фактор и списанија во Македонија со осврт на Дефектолошка теорија и практика“. Тој во своето излагање го објасни значењето на импакт факторот за списанија како и правењето на негова пресметка. Беше прикажана и апликативната вредност на импакт факторот односно од кои лица треба да биде истиот користен. Во своето излагање тој потенцира како не треба да се користи импакт факторот, неговите добри и лоши страни, како и постоечките критики за истиот. Го изнесе бројот на евидентираните списанија во светот и ставот дека најлесно е да се следи медицинската дисциплина. Со бројки беа поткрепени и списанија со импакт фактор од доменот на специјалната едукација во повеќе земји меѓу кои беше спомната и Македонија.
На крајот од оваа трибина се остави простор за дискусија која беше искористена од страна на присутните лица кои дадоа и свои излагања за значењето и потребата од импакт факторот во Македонија.
Превземања
Референци
Преземања
Објавено
Издание
Секција
Дозвола
Авторско право(c) 2012 Христина Митрева

Овој труд е лиценциран како Creative Commons Attribution 4.0 International License.
