ОДБЕЛЕЖАН 2 АПРИЛ – СВЕТСКИ ДЕН НА ЛИЦАТА СО АУТИЗАМ

Автори

  • Мануела КРЧАНОСКА Faculty of Philosophy, Ss. Cyril and Methodius University in Skopje

Апстракт

На 2 април Македонското научно здружение за аутизам, четврта година по ред организираше настан по повод Светскиот ден на лицата со аутизам. Настанот со културно-уметнички карактер се одржа во Музејот на македонската борба под мотото „Тие не се сами, ние сме со нив“. Огромниот број присутни граѓани само го потврдија мотото. Се чинеше дека салата на Музејот на македонската борба е претесна за топлите души на присутните. Беа присутни повеќе од 300 гости, и тоа деца со аутизам и нивните семејства, професори, доктори, дефектолози, психолози, студенти и други граѓани кои со драго срце и волја решија да го збогатат настанот со своето присуство.
Настанот го отвори виолинистката Пламенка Трајковска, која изведе една нумера. Веднаш потоа следеше говорот на претседателот на Македонското научно здружение за аутизам проф. д-р Владимир Трајковски. Професорот им порача на родителите на децата со аутизам, кои ги имаше во огромен број, да не ја губат надежта, да се борат за своите деца, а притоа во борбата огромна поддршка и помош ќе им пружи Македонското научно здружение за аутизам.
Министерот во својот говор потврди дека е отворен дневниот центар за деца со аутизам во Скопје и напомена дека во иднина ќе бидат отворени повеќе дневни центри во поголемите градови во земјата. На Министерот за труд и социјална политика г. Диме Спасов, кој даде значаен придонес при организацијата на овај настан, проф. д-р Владимир Трајковски му додели благодарница.
Потоа следеше дел во кој настапија и тие кои беа причина за организацијата на ваков настан, децата со аутизам и родителот на дете со аутизам, г-ѓа Катерина Крстеска. Уште на почетокот на својот говор Крстеска нагласи дека најважно за настанот е тоа што толку многу родители на деца со аутизам се тука, а нејзиниот говор е само дел од она што го чувствуваат сите тие. Нејзиниот говор го растрепери и најтврдото срце во салата. Нејзиното обраќање заврши со мислата: „Јас го сакам моето дете со аутизам и нема да престанам да се борам за него! Ќе направам сè, само да го слушнам да ми каже: „Mамо, те сакам“.
Програмата беше збогатена со нашата гордост – Националната установа „Танец“, како и со настапот на ученици од МБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и студенти од Факултетот за музичка уметност од Скопје.
Настанот беше затворен со доделување благодарници на почесните членови на МНЗА и на учесниците на овој настан. Водител на настанот беше актерката Сања Арсовска од Драмскиот театар во Скопје.
Никој не беше помалку важен на овoј настан. Учесниците на настанот заедно со организаторите на настанот, Македонското научно здружение за аутизам, овозможија достојно да се одбележи 2 април – Светскиот ден на лицата со аутизам со ветување дека МНЗА, не само сега, не само овде, туку секогаш е тука за лицата со аутизам.

Превземања

Податоците за превземање не се сè уште достапни.

Референци

Преземања

Објавено

2014-09-30

Како да се цитира

ОДБЕЛЕЖАН 2 АПРИЛ – СВЕТСКИ ДЕН НА ЛИЦАТА СО АУТИЗАМ. (2014). Дефектолошка теорија и практика, 15(3-4), 128-129. https://journals.ukim.mk/index.php/jser/article/view/5094