ЖИВОТ И ДЕЛО ПОСВЕТЕНИ НА ЕСТЕТИКАТА И КУЛТУРАТА академик Георги СТАРДЕЛОВ (28 август 1930 – 11 јануари 2021)
Abstract
Смртта е неумолив факт која молчешкум ни противречи и нè опоменува да занемеме, зашто зборовите никогаш не се достатни за да ја искажат нашата тага за оној што веќе со своето тело не е меѓу нас, но, смртта, едновремено, и нè предизвикува да зборуваме, зашто на почетокот на сè е зборот и зашто зборот е и на крајот – тој е онаа алфа и омега на севкупната наша култура и цивилизација. А токму на зборот и на мислата, на логосот од кој сè започнува и кон кој сè на крајот се сосредоточува, всушност, во целина беа посветени животот и дејноста на академик Георги Старделов, зашто тој како филозоф и естетичар, како филозоф на културата и литературен критичар, како врвен херменевтичар, токму во зборовите, во нивните значења и во нивната дејствителност ја наоѓаше смислата на својата неуморна научна и општествена дејност.