КОНТЕМПЛАТИВНИОТ И ДЕЈСТВЕНИОТ ЖИВОТ: ПЛОТИНИ ΦΡΌΝΗΣΙΣ
Abstract
Истражувањето на карактеристиките на концептот φρόνησις (phronesis) во Плотиновата филозофија неизбежно отвора поширока дискусија за статусот и автономноста на етичката теорија во Плотиновата филозофија и за врската меѓу контемплативниот и дејствениот живот. Од една страна, во парадигматичните интерпретации се формира гледиштето според кое кај Плотин постои отадеземна, автоцентрична и елитистичка етика, а од друга, во посовремените интерпретации, се афирмира т.н. „етика на симнувањето“, наспроти „етиката на искачувањето“, во која се тврди автономноста на πρᾶξις. Не тргнувајќи во испитување на φρόνησις со предефиниран став околу статусот на практичката етика кај Плотин, во овој текст ставот за ова прашање ќе биде изграден токму низ анализа на φρόνησις, како клучна оска околу која се развива сфаќањето за практичкото расудување и дејствување. Во оваа анализа е опфатена врската помеѓу φρόνησις и усличувањето со Бог, сфатено како крајна животна цел; како и врската помеѓу θεωρίαи πρᾶξις, разгледана низ врската меѓу φρόνησις и σοφία, како и низ сфаќањето за доблеста како ἕξις. Целта е да се покаже во која мера φρόνησις, а со тоа и етичката практика, е зависна од контемплацијата, односно дали φρόνησις има автономен статус или врши посредувачка улога меѓу интелектот и човековата душа.