КАРАКТЕРНИТЕ МОЌИ И ОПШТАТА САМОЕФИКАСНОСТ КАЈ СТУДЕНТИ
Abstract
Традиционалната психологија, особено во своите рани фази, првенствено беше
насочена кон истражување и третирање на психичките растројства и проблеми. Како
последица на ваквата тенденција растројствата се добро класифицирани и опишани,
меѓутоа постојат малку податоци за човековите позитивни особини и квалитети. За
таа цел, Петерсон и Селигман ја имаат развиено ВИА класификацијата на карактерни
моќи и доблести, која ја сочинуваат дваесет и четири моќи распределени во шест
категории на доблести. Во согласност со спроведените факторски анализи, Парк и
Петерсон ги делат моќите на три категории: карактерни моќи на умот, карактерни
моќи на срцето и останати карактерни моќи. Истражувањето ја испитува врската
меѓу трите категории на карактерните моќи и општата самоефикасност. Примерокот
е составен од 239 испитаници, студенти на еден од шесте факултети во рамки на
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје. За испитување на варијаблите беа
користени инструментите: ВИА прашалник за моќите на Селигман и Петерсон и Скала
на само ефикасноста на Шерер и соработниците. Во согласност со резултатите, дел
од карактерните моќи на умот (љубопитност, отвореност на умот и креативност) и
на срцето (упорност, водство, надеж, хумор, занес), како и сите останати карактерни
моќи (храброст, перспектива и мудрост, саморегулација и социјална интелегенција)
се позитивно поврзани со општата самоефикасност. Моќите на срцето објаснуваат
најголем процент (39 %) од варијансата на општата самоефикасност, моќите на умот 13
%, додека останатите моќи 9 % од варијансата.