ДОМСКА ВОСПИТНО-ОБРАЗОВНА РАБОТА од Ристо Петров, Лаура П. Ѓурчиновска, Наташа Станојковска - Трајковска Нергис Рамо
ДОИ:
https://doi.org/10.2478/Апстракт
Книгата „Домска воспитно-образовна работа“ според својата форма и начин на обработка претставува универзитетски учебник за студентите по дефектологија. Авторите на книгата, проф. д-р Ристо Петров, м-р Лаура П. Ѓурчиновска, асс. Наташа Станојковска Трајковска и м-р Нергис Рамо се истакнати професионалци во дефектологијата. Во рамките на својата академска кариера, авторите обрнуваат посебен акцент на подрачјето на домската воспитно-образовна работа.
Книгата преставува ризница на информации поврзани со оваа проблематика и е соодветно конципирана да ги задоволи потребите на секој читател со афинитет кон оваа област.
Проф. д-р Ристо Петров, своето долгогодишно практично искуство во областа на домската воспитно-образовна работа во специјалниот завод „Демир Капија“ и теоретско искуство како наставник на Институтот за дефектологија на предметот Домска воспитно-образовна работа со лица со пречки во развојот, од неговото основање, го олицетворува во оваа книга. Овој учебник го зголемува квантумот на знаења во дефектолошката наука, која е млада наука со голем простор за научно делување и секако за добивање информации кои подоцна се преточуваат во квалитетни изданија.
Книгата „Домска воспитно-образовна работа“ претставува продолжение на учебното помагало со ист наслов издадено во 2002 година и служи како основна литература за студентите кои го слушаат овој предмет.
Книгата „Домска воспитно-образовна работа“ е структурирана на 177 страни, поделени во три поглавја: Местото и улогата на ученичките домови во системот на образованието и воспитанието; Воспитно образовната работа во домови и интернати за ученици со посебни образовни потреби и воспитно-образовна работа со ученици со посебни образовни потреби во продолжен дневен престој во училиштата. Првиот дел е посветен на објаснувањето за значењето и функцијата на ученичките домови како и карактеристиките на животот и работата во домовите. Вниманието е насочено кон важноста на целите и задачите на воспитно-образовната работа во ученичките домови. Принципите, методите, средствата и облиците на воспитно-образовна работа во ученичките домови се изворно објаснети во продолжението од ова поглавје. Авторите се задржуваат и на важноста на социјалната интеграција на личноста на ученикот како и нормативите за организација на воспитно-образовната работа во ученичките домови.
Во вториот дел од книгата авторите за задржуваат на основните програмски подрачја и содржини на воспитно-образовната работа како и воспитната функција на слободното време.
Содржините од третото поглавје се поврзани со целите, задачите и организацијата на продолжениот дневен престој во училиштата како и програмата за работа на дефектологот воспитувач во продолжениот дневен престој.
Книгата е со несомнен квалитет не само од содржински туку и од технички аспект. Книгата изобилува со голем број високо квалитетни фотографии кои се од непроценливо значење за читателите. Фотографиите даваат приказ на сите ученички домови за децата со посебни образовни потреби во Република Македонија. Материјалот е прилагоден за едуцирање на младите дефектолошки кадри и преставува учебно помагало за студентите на Институтот за дефектологија како и за сите стручни лица кои работат на оваа проблематика.
Книгата „Домска воспитно-образовна работа“ има огромна апликативна вредност како прирачник со основни податоци за развојот на домската воспитно-образовна дејност во нашата земја. Во книгата мошне умешно се воспоставува баланс меѓу теоретските сознанија и практичните искуства и претставува учебник кој ќе поттикне понатамошни истражувања на ова поле. Токму поради сите позитивни аспекти на овој учебник, истиот им го препорачувам на сите студенти на Институтот за дефектологија, дефектолозите како и сите професионалци кои се занимаваат со оваа проблематика.
Превземања
Референци
Преземања
Објавено
Издание
Секција
Дозвола
Авторско право(c) 2010 Александра Каровска

Овој труд е лиценциран како Creative Commons Attribution 4.0 International License.
