КОМПАРАТИВНА АНАЛИЗА НА СТРУКТУРАТА НА АМЕРИКАНСКИОТ И НА МАКЕДОНСКИОТ ЗНАКОВЕН ЈАЗИК
Апстракт
Македонскиот знаковен јазик е природен јазик со кој се служи заедницата на глуви лица на Република Македонија. Оваа докторска дисертација беше насочена кон анализа на одликите на македонскиот знаковен јазик, пред сè од аспект на фонологијата, морфологијата и синтаксата, како и кон компарација на македонскиот и на американскиот знаковен јазик во сите овие области. Вилијам Стоук, е првиот кој почнал со истражување на американскиот знаковен јазик. Во 60-тите години од минатиот век тој ја поставил основата на лингвистичките истражувања на знаковните јазици. Анализата на знаците од македонскиот знаковен јазик е направена според параметрите на Стоук: лока¬ција, облик на рака и движење.
Лексикостатистичката анализа покажа дека МЗЈ и АЗЈ припаѓаат на различна јазична фамилија. И покрај тоа, тие споделуваат некои иконични знаци, чие присуство може да е резултат на феноменот на лексичко позајмување. Фонолошки, во АЗЈ и МЗЈ, доколку настане промена во една од категориите на Стоук, се менува значењето на зборот. Немануелните сигнали што во знаковните јазици имаат својство на граматички маркери, се идентични во АЗЈ и во МЗЈ. И во АЗЈ и во МЗЈ, идентично е продуцирањето на знаците сложенки, како и начинот на продуцирање на множински форми. Согласувањето на глаголите се изведува на идентичен начин во АЗЈ и МЗЈ. Истражувањето покажа дека најчестиот редослед на зборови во АЗЈ и во МЗЈ е СПО-распоредот (субјект-предикат-објект), додека поретко се сретнуваат СОП-распоредот и ОПС-распоредот. Прашалните реченици и негативните реченици се изведуваат идентично во АЗЈ и во МЗЈ.
За да се стандардизира МЗЈ, потребно е да помине четири фази: селекција, кодификација, елаборација и пренесување. Потребно е промовирање на МЗЈ преку масовните медиуми, дополнување и изменување на Законот за употреба на знаковниот јазик, зголемување на бројот на лиценцирани толкувачи, зголемување на бројката на диференцирани речници, издавање прирачници, спроведување компаративни лингвистички студии, како и вклучување на глувите лица во процесот на донесување одлуки.
Превземања
Референци
Преземања
Објавено
Издание
Секција
Дозвола
Авторско право(c) 2014 Александра Каровска Ристовска

Овој труд е лиценциран како Creative Commons Attribution 4.0 International License.
