КОН ЖИВЕЕЊЕ ВО ЗАЕДНИЦАТА: Актуелни состојби и идни предизвици
ДОИ:
https://doi.org/10.2478/Апстракт
Во периодот од 7 до 9 октомври 2010 година, во просториите на хотел „Континентал“ се одржа конференција со наслов: „Кон живеење во заедницата: актуелни состојби и идни предизвици“, организирана од ЕАСПД, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – „ПОРАКА“, „Отворете ги прозорците“, Македонското научно здружение за аутизам и канцеларијата на аташето за социјални политики (BMASK) на Австриската амбасада во Скопје.
Основната цел на конференцијата беше „Градење на мостови од знаења и добри практики за подобрување на социјалните услови на лицата со инвалидност“, односно преку дискусии и размена на искуства за различни актуелни состојби во сите региони од Европа, а во духот на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со инвалидност, да се овозможи и олесни целосното вклучување на лицата со инвалидност во општеството.
Конференцијата беше организирана во шест пленарни сесии и две сесии на работилници со вкупно 10 работилници. На конференцијата присуствуваа околу 200 гости од различни земји во Европа: Велика Британија, Франција, Австрија, Германија, Италија, Белгија, Ирска, Малта, Холандија, Бугарија, Чешка, Украина, Романија, Хрватска, Србија, Албанија итн., од кои 51 гостин имаа активно учество со свои презентации.
Особена чест беше што на конференцијата присуствуваа, г-дин Франц Волфмаер, претседател на ЕАСПД, г-дин Јан Јараб, регионален претставник за Европа од Високиот комесаријат за човекови права на ОН, г-дин Торстен Афлербак, раководител на Одделението за интеграција на лицата со инвалидност, Оддел за социјална политика, Генерален директоријат за социјална кохезија, г-дин Геро Штулер, аташе за социјални политики и ополномоштен претставник на Сојузното министерство за труд, социјални работи и заштита на потрошувачите во амбасадите на Австрија во Загреб и во Скопје, г-дин Лук Зелдерло, генерален секретар на Европската асоцијација на сервисни служби за лица со инвалидност.
Меѓу претставниците од Македонија, како поистакнати беа: г-дин Џељаљ Бајрами, министер за труд и социјална политика, г-ѓа Слободанка Лазова Здравковска, раководител на Одделението за интеграција на лицата со инвалидност на македонското Министерство за труд и социјална политика. Активен претставник од Филозофскиот факултет - Институт за дефектологија, а воедно и претседател на Македонското научно здружение за Аутизам, беше проф. д-р Владимир Трајковски.
Самата конференција изобилуваше со голем вид различни актуелни теми и проблеми: системите за квалитет ги зајакнуваат специјализираните социјални и сервисни служби, деинституционализација, системи за квалитет, обука за вработените, вклученост на корисниците и проценка на потребите, вмрежување, достапност и служби за поддршка на лицата со инвалидност во Европа, обезбедување пристапност и е-пристапност во општеството, пристапност на информациите и на општеството, образование, вработување, дизајн за сите и е-вклученост.
Конференцијата заврши одбележана со одржување на Генерално собрание на ЕАСПД.
Превземања
Референци
Преземања
Објавено
Издание
Секција
Дозвола
Авторско право(c) 2011 Оливера Рашиќ

Овој труд е лиценциран како Creative Commons Attribution 4.0 International License.
