АНТРОПОМЕТРИСКИ КАРАКТЕРИСТИКИ КАЈ ДЕЦАТА ОД ОСНОВНИТЕ УЧИЛИШТА
Апстракт
Во специјалната едукација и рехабили-тација голем број од досега спроведените истражувања на телесниот и моторниот развој на децата со пречки во развојот биле насочени на компарација со развојните норми за децата со нормален развој. Евидентно е дека вкупниот телесен и моторен развој кај децата со пречки во развојот се одвива со различна брзина и постигнува поинакво ниво во однос на децата со нормален развој.
Теоријата и практиката на специјалната едукација и рехабилитација ги уважува спецификите на ритамот на телесниот развој, кој е предодреден со биолошкиот план на развојот (регулиран од внатрешните фактори), но сепак разликите во динамиката и степенот на развојот на децата со пречки во развојот бараат посебен пристап при истражувањето, толкувањето и примената на добиените резултати.
Потребно е да се објаснат спецификите во телесниот и моторниот развој и влијанието на сензорните, когнитивните и моторните развојни нарушувања врз телесниот раст и моторен развој кај лицата на различна календарска возраст, а добиените резултати да се поврзат со програмите за едукација и рехабилитација.
Основна цел на истражувањето беше проценка и компарација на антропометриските карактеристики кај децата од основните училишта, при што антропометриските карактеристики беа анализирани во однос на полот, возраста, видот на училиштето, степенот на физичката активност, состојбата на сетилата и нивото на интелектуалното и моторното функционирање.
Со истражувањето беа опфатени вкупно 260 испитаници од основните училишта од двата пола, и тоа: I група - 160 испитаници од редовните основни училишта во Oпштина Струмица и 100 испитаници кои учат во посебни основни училишта и дневни центри; II група - 40 испитаници со оштетен слух од Специјалниот завод за реха-билитација на деца со оштетен слух „Кочо Рацин“ - Битола; III група - 40 испитаници со лесна интелектуална попреченост од Специјалната установа „Иднина“ - Скопје и IV група - 20 испитаници со церебрална парализа од Дневниот центар во Скопје. Секоја од групите беше структурирана во однос на полот (машки и женски) и во однос на возраста (од 8 до 10 години и од 14 до 15 години).
Истражувањето е реализирано теренски, во природни животни услови, а потреб-ните податоци беа собрани со увид во документацијата, мерење, тестирање и анкетирање на испитаниците. За потребите на истражувањето составен е Протокол за проценка на антропометрискиот статус и моторното функционирање кај учени-ците од основните училишта, кој содржи тестови за мерење на антропометриските карактеристики, тестови за проценка на латерализираноста на екстремитетите и сетилата, тест за проценка на општите моторни способности според Озоретски и анкетен лист за оценка на вклученоста на децата во физичките активности. Ме-рењата на антрополошките варијабли се извршени според интернационалната биолошка програма (IBP).
Добиените податоци при истражувањето се обработени со соодветни математички и статистички постапки: дескриптивна статистика, χ2 –тест, Фишер-егзакт-тест, t-тест, АНОВА и Пирсонов коефициент на корелација. Податоците се обработени со компјутерската статистичка програма XL STAT, а за статистички значајни беа земени разликите со ниво на значајност од ρ<0,05.
Според добиените резултати утврдено е дека помеѓу испитаниците од I група (нормален развој) и II група (оштетен слух) добиени се статистички значајни разлики на 8 од 10 антропометриски параметри на возраст од 8 до 10 години и на 9 до 10 антропометриски параметри кај групата на возраст од 14 до 15 години. Помеѓу испитаниците од I и III група (лесна интелектуална попреченост) добиена е статистички значајна разлика за 9 од 10 антропометриски параметри на возраст од 8 до 10 години и за 8 од 10 параметри кај возрасната група од 14 до 15 години. Помеѓу испитаниците од I и IV група (церебрална парализа), за 9 од 10 антропометриски параметри, добиена е статистички значајна разлика во групата на возраст од 8 до 10 години, а во возрасната група од 14 до 15 години, статистички значајни се разликите за 5 од 10 антропометриски вари-јабли.
Испитаниците со нормален развој на возраст од 8 до 10 години имаат значително поголема телесна висина и поголем БМИ (индекс на телесна маса) во однос на нивните врсници со оштетен слух, значително поголема телесна висина и телесна тежина во однос на учениците со лесна интелектуална попреченост и значително повисока телесна тежина и телесна висина во однос на децата со церебрална парализа. Испитаниците со нормален развој на возраст од 14 до 15 години имаат значително поголема телесна висина, телесна тежина и поголем БМИ во однос на испитаниците со оштетен слух на иста возраст, значи-телно поголема телесна висина, телесна тежина и поголем БМИ во однос на испитаниците со лесна интелектуална попреченост и значително поголема те-лесна тежина и телесна висина во однос на нивните врсници со церебрална парализа.
Кај испитаниците од I група на возраст од 8 до 10 години, кај 9 од 10 антропо-метриски параметри добиена е статистички значајна разлика помеѓу испитаниците од машки пол и испитаниците од женски пол. Од вкупно тестираните 10 антропометриски параметри кај испитаниците од I група на возраст од 14 до 15 години, кај 9 антропометриски параметри се добиени статистички значајни разлики помеѓу испитаниците од машки и женски пол. Кај испитаниците од II група, III група и IV група на возраст од 8 до 10 години и испитаниците од II група, III група и IV група на возраст од 14 до 15 години, не се добиени статистички значајни разлики помеѓу испитаниците од различен пол.
Со компарација на антропометриските карактеристики кај испитаниците од I група и кај испитаниците од II група, во однос на возраста, кај 9 антропометриски параметри добиена е статистички значајна разлика помеѓу испитаниците на возраст од 8 до 10 години и испитаниците на возраст од 14 до 15 години. Со компарација на антропометриските карактеристики кај испитаниците од III група и испитаниците од IV група, во однос на возраста, за сите тестирани антропометриски параметри добиена е статистички значајна разлика помеѓу испитаниците на возраст од 8 до 10 години и испитаниците на возраст од 14 до 15 години.
Квоциентот на моториката кај учениците на возраст од 8 до 10 години, во групата испитаници со нормален развој е 89,49; во групата испитаници со оштетен слух е 85,54; во групата испитаници со интелектуална попреченост е 82,47 и кај испитаниците со церебрална парализа е 64,64. Во втората возрасна група (14–15 години), испитаниците со нормален развој имаат квоциент на моториката 94,90; испита-ниците со оштетен слух - 92,20; испита-ниците со интелектуална попреченост - 82,76 и испитаниците со церебрална парализа - 56,48.
Најголем број од испитаниците (74,80%), на возраст од 8 до 10 години се вклучени само во редовните физички активности во училиштето (II група - 90%, I група - 83,75%, III група - 50% и ниту еден испитаник од IV група). Во превентивни/корективни активности вклучени се 13,39% (IV група - 71,43%, III група - 50%, II група - 10% и ниту еден во I група испитаници). Најголем број испитаници на возраст од 14 до 15 години се вклучени само во редовните физички активности во училиштето (75,94
Исто така, со истражувањето е утврден значителен коефициент на дефинираност и усогласеност на латерализацијата во групата испитаници со нормален развој и во групата на испитаници со сензорни нарушувања, во однос на испитаниците со интелектуални и моторни нарушувања во развојот.
Анализата на резултатите ја потврдува нашата основна претпоставка дека развојните нарушувања го детерминираат антропометрискиот и моторниот профил на децата од основните училишта. Со истражувањето се добиени различни структури на антропометрискиот профил и моторните способности кај учениците со оштетен слух, со лесна интелектуална попреченост, со церебрална парализа и кај учениците со нормален развој.
Структурата на добиените резултати укажува дека различните развојни услови предизвикуваат различен антропометриски и моторен профил кај учениците од основните училишта.
Антропометриските карактеристики кај учениците со нормален развој се структурирани во однос на полот и возраста, додека кај учениците со сензорни, когнитивни и моторни нарушувања во развојот антропометриските карактеристики се структурирани во однос на возраста, но не и во однос на полот.
Во теориска смисла, ова истражување ги посочува изменетите услови за развој и значењето за нивна предикција врз телесниот и моторниот развој кај учениците со пречки во развојот. Во практична смисла, познавањето на развојните норми и влијанието врз одредени фактори за структурирање на телесниот и моторниот профил на учениците претставува значаен предик-тор при проценката на функционалните капацитети на учениците и основа за структурирање на физичкото воспитание и образование и програмата за превентивно корективна работа.
Превземања
Референци
Преземања
Објавено
Издание
Секција
Дозвола
Авторско право(c) 2017 Благоја Гешоски

Овој труд е лиценциран како Creative Commons Attribution 4.0 International License.
