ПРЕДИКЦИЈА НА ПРИФАЌАЊЕТО НА МОДЕРНИТЕ МИТОВИ ЗА СЕКСУАЛНА АГРЕСИЈА
Апстракт
Сексуалното насилство е горлив јавно-здравствен проблем што ја засега добросостојбата на многу адолесценти. Емпириските студии покажуваат дека ставовите кон сексуалното насилство се моќни предиктори на веројатноста и за вршење сексуална агресија и за виктимизација. Затоа, сеопфатното сексуално образование, меѓу другите цели, прави силни напори, кај децата и адолесцентите да вгради негативни ставови кон насилството, особено сексуалното. Овој труд е обид да се разјасни улогата на ставовите кои го поддржуваат сексуалното насилство, на конформирањето со традиционалните родови норми и специфичното знаење за сексуалното насилство, во прифаќањето на современите митови за сексуалното насилство. Неговата главна цел е да ги информира креаторите на наставните програми и реализаторите на наставата за тоа кои се сложените врски помеѓу овие карактеристики, за да им се помогне да се создадат и да испорачаат ефикасно сеопфатното образование за сексуалноста.
Истражувањето е спроведено на 483 учесници (43,6 % мажи), на возраст од 18 до 24 години (М = 21,6, SD = 3,0). Резултатите сугерираат дека покрај сексистичките ставови, прифаќањето на специфични маскулини родови норми може да помогне во предвидување на согласувањето со современите митови за сексуалното насилство. Наспроти очекувањата, откриено е дека информираноста за сексуалното насилство не придонесува значително во предвидување на критериумската варијабла. Врз основа на наодите од студијата, се сугерира дека многу повеќе отколку кон обезбедување релевантни информации, сексуалното образованието треба да се фокусира кон потенцирање на потребата за воведување трансформативни родови идентитети / улоги, паралелно со воведување теми кои ја деконструираат родовата дискриминација.