КЛАСИЧНО ОБРАЗОВАНИЕ, КЛАСИЧНИ ЈАЗИЦИ, КЛАСИЧНИ СТУДИИ
Апстракт
Република Северна Македонија е земја со богато и уникатно културно-историско наследство од античкиот период и со традиција на изучување на класичните јазици и класичната култура на сите нивоа на образование стара преку 75 години. Па сепак, евидентно е дека повеќе години наназад континуирано опаѓа интересот за запишување на студенти на Институтот за класични студии.
Различни фактори може да имаат влијание на ваквата состојба. Овој труд поконкретно ги презентира и анализира податоците од спроведена анкета со ученици од четврта година од средните училишта ₋ гимназиска струка во Република Северна Македонија, со којашто се истражува поврзаноста на интересот за студирање класична филологија со статусот на класичните јазици во средното образование, степенот на информираност и перцепцијата на учениците од средните училишта за класичните јазици и класичните студии, како и нивната мотивација при изборот на студиска програма општо земено.
Резултатите од истражувањето покажуваат дека информираноста на учениците во средните училишта, нивната перцепција за важноста на класичното образование и нивната мотивација за студирање се поврзани со посетувањето настава по класичен јазик и дека постои простор во иднина овие прашања да се адресираат директно со креирање соодветни политики од страна на Институтот за класични студии.