ВОВЕД ВО АНТИЧКИТЕ КОНЦЕПТИ ЗА ДЕМОНИТЕ: КРАТКА БЕЛЕШКА ЗА СТАРОЕГИПЕТСКИТЕ ВЕРУВАЊА

  • Марија Тодоровска
Клучни зборови: демон, дајмон, Стар Египет, чувари, Подземјето

Апстракт

Целта на овој текст е да даде вовед во концептуализирањето на злото во рамките на религиозното верување, односно да ѝ ги доближи на македонската публика основните определби во врска со концептот на инкарнираното зло, преку верувањата во демоните во Стар Египет. Затоа, накратко се понудени основните терминолошки разлаки во врска со употребата на демон и дајмон во антиката, како и основните концептуални рамки на демонското, хибридното и чудовишното. Направена е основна споредба меѓу природата на демоните од источните цивилизации и на дајмоните од грчката интелектуална култура, и фрлен е поглед кон разликите меѓу античкото и христијанското (и модерното) разбирање на инкарнираното зло, како и на чудовишноста или „меѓупостоењето“ на суштествата со несигурен онтолошки статус и потенцијално заканувачка природа.

Обрнато е внимание на „меѓусуштествата“ од верувањата, кои се движат меѓу различните реалности (Земјата и Подземјето, светот на живите и светот отаде, профаното и светото), и кои не смее да бидат определувани како чисто, или само зли и штетни. Во текстот се разгледани видовите демони од аспект на нивната штетност или корисност, како и од аспект на топографската распореденост (талкачки наспроти фиксни); начините на кои штетните (подвижни) демони расејуваат зарази и ги напаѓаат душите и телата на пациентите, како и важноста на магиско-медицинската заштита од нив; и начините на кои корисните демони-чувари (демоните приврзани за одредени места, на земјата или во Подземјето), учествуваат во одржувањето на безбедноста на одбраните подрачја кои ги заштитуваат. Обрнато е внимание, значи, и на важноста што обете групи демони ја имаат во разбирањето на функционирањето на Подземјето.

Античките верувања во демонското, покрај како заканувачко, опасно и злосторничко, подразбираат и амбивалентност во концептите: штетните демони, расејувачи на болештини, проблеми и маки, дејствуваат понекогаш по налог на божествата, или служат како казнувачи на огрешените во Подземјето. Корисните демони, пак, имаат клучни онтолошки улоги во одржувањето на рамнотежата на световите, така што функционираат како чувари на портите кон Подземјето, на влезовите во светите места, на светите подрачја, и на лиминалните сфери. Така, со овој текст е направен обид да се истакне потребата од широкоопфатен пристап во разбирањето на концептот на демонското.

Downloads

Download data is not yet available.
Објавено
2021-12-16