КУЛТУРНИТЕ КОНЦЕПЦИИ ЗА МАЖЕСТВЕНОСТАИ ЖЕНСТВЕНОСТА: ДИВЕРГЕНЦИЈА НА МАСКУЛИНИСТИЧКА И ФЕМИНИСТИЧКА КУЛТУРА
Апстракт
Мажественоста и женственоста може да се дефинираат преку одредени карактеристики, ставови, својства, очекувања и објаснувања поврзани со поведението и однесувањето на припадниците на машкиот и женски пол. Тие се социјално конструирани димензии кои го одредуваат машкиот и женскиот статус, како и положбата на половите во општествената средина. Целта на овој труд е да се преиспита во колкава мера и на кој начин културата и културниот контекст влијае во обликувањето на мажественоста и женственоста. Односите меѓу културно изградениот сет категории, како што се тие за половата припадност на поединците, се нарекуваат „народна таксономија“ или „културна класификација“. Оттука, нормите, правилата, ставовите, однесувањето, поведението, во крајна линија и очекувањата од поединците во еден социокултурен простор, во голема мера зависат од релацијата човек-природа-култура. Во таа насока, во овој труд ќе се разгледаат одредени социоантрополошки теоретски концепции за креирањето на мажественоста и женственоста, со акцент врз историскиот и современ дискурс на „родовите замисли“ за мажественоста и женственоста.