ИДНИНАТА НА НАТО ВО СВЕТЛИНАТА НА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА
Апстракт
Војната врз Украина, која започна на 24 февруари 2022 година со инвазија на вооружените сили на Руската Федерација, претставува настан со потенцијал да предизвика тектонски промени во досегашниот политички, безбедносен и економски меѓународен поредок, вклучувајќи ја и можноста од нуклеарен судир. Како и другите меѓународни организации, така и НАТО е принуден да ја преиспита својата положба во мултиполарниот свет. Централниот истражувачки проблем на овој труд е разграничувањето на стварните карактеристики и моќ на Алијансата од митот на кој таа почива веќе три децении. Трудот се фокусира на потрагата по одговори за реалната моќ на Алијансата во новиот мултиполарен меѓународен систем, како и на иднината на европскиот безбедносен поредок (посебно низ призма на односите на НАТО и ЕУ). Клучната хипотеза е дека текот на настаните (во Украина, но и растот на мултиполаризмот) беше предвидлив. Причините за војната беа длабоко вградени во темелите на хибридниот меѓународен систем. Прелиминарниот заклучок е дека во мултиполарниот поредок, НАТО (иако навидум зајакнат и проширен) ќе се соочи со својата ирелевантност. Тезата за „глобално НАТО“ е само превез зад кој се крие лимитираната мисија на Алијансата како инструмент на американската политика во Европа. Поради војната во Украина, ЕУ (но и ОБСЕ) ќе остане не само без сопствен безбедносен систем, туку и целосно зависна на економски, политички и воен план од Вашингтон. Проширувањето на НАТО го досегнува својот максимум, заедно со неговата првенствено европска парадигма. На глобален план, САД ќе се потпира на сопствените сили и на другите сојузници со волја да се приклучат на она што сега се именува како „колективен Запад“.