ЗАМИСЛУВАЈЌИ ГО ОБРАЗОВАНИЕТО ПО СВОЈА МЕРА: ПЕРЦЕПЦИИ НА УЧЕНИЦИТЕ ЗА ИДЕАЛНОТО УЧИЛИШТЕ
Клучни зборови:
идеално училиште, перспективи на учениците, комбиниран методАпстракт
Како одговор на потребата од трансформативни промени во образованието,
ова истражување го адресира концептот на идеално училиште, испитувајќи ги
перспективите на учениците и мета-перспективите на наставниците.
Примерокот за квантитативната студија се состоеше од 4909 ученици од 119
основни училишта во земјата, од осмо и деветто одделение (51,9% девојчиња), кои
учат на македонски (61,4%), албански (33,9%) или турски (4,7%) наставен јазик, како и
од 4783 наставници (72% жени) кои предаваат од 4. До 9. Одделение, на македонски
(61,9%), албански (36,9%) или турски (1,2%) наставен јазик. Дополнително, 93 ученици
од 9 избрани училишта, чиј наставен јазик е македонски (78,5%) или албански (22,5%),
учествуваа во дискусии во фокус групи, со што обезбедија податоци за длабинска
квалитативна анализа.
Резултатите од квантитативната анализа ги откриваат приоритетите на учениците,
како што се чисти тоалети, пристап до интернет и намален број на предмети во
наставните планови. Наодите од дискусиите во фокус групите, од друга страна,
ја истакнуваат желбата на учениците за попривлечни и практично ориентирани
наставни содржини, нагласувајќи ја нивната потреба за развивање вештини неопходни
за секојдневното живеење, наместо „суво“ теоретско знаење. Студијата, исто така,
го открива незадоволството на учениците од преовладувачките наставни методи,
и сугерира потреба од повеќе интерактивни и емоционално пријатни искуства
во учењето. Генерално, наставниците се добро информирани за преференциите и
очекувањата на учениците, но загрижува тоа што нивното знаење за дискутираните
потреби малку се преточува во добри практики.
Наодите се во согласност со клучните образовни теории и со современите дискусии
за предностите на ангажираните и инклузивни средини за учење кои се фокусирани
кон учениците. Истражувањето фрла дополнителна светлина врз перспективите
и потребите на учениците, обезбедувајќи вредни сознанија и за воспитувачите и
креаторите на политиките кои работат кон создавање инклузивен образовен систем
ориентиран кон децата.