ПРИДОНЕС НА МУЛТИКУЛТУРНОТО И МЕЃУРЕЛИГИСКОТО ОБРАЗОВАНИЕ ВО ДУХОВНИОТ, МОРАЛНИОТ И КУЛТУРНИОТ РАЗВОЈ КАЈ УЧЕНИЦИТЕ
Клучни зборови:
мултикултурно образование, толеранција, почитување, вредности, дијалог, соработкаАпстракт
Глобализација на културата и социо-културните промени кои се случуваат во современото општество, како и интеграцијата и диференцијацијата на националните култури, условуваат актуелизирање на проблемот на мултикултурно образование на младите генерации. Од друга страна, една од основните образовно-воспитни цели како на основното, така и на средното и високото образование е развојот на личноста на ученикот, на неговата духовна и морална култура, која се изразува пред сѐ, во системот на морални, духовни и граѓански вредности, како и способноста да се живее во време на плодна интеракција со претставниците на другите култури; во потребата да се задржат, зголемат и прошират културните вредности на својот народ, а во исто време да се почитуваат и вредностите на другите народи.
Оттука меѓуетничката и меѓурелигиската толеранција кај учениците претставува активна морална позиција на личноста, која се изразува во готовноста да се признае, прифати, разбере и почитува етничката и религиозната различност и оригиналност при процесот на интеракција на субјектите, а во услови на мултиетничко општество.
Истражувањето на проблемот на формирање меѓуетничка и меѓурелигиска толерантност помеѓу учениците во образовниот систем произлегува од социо-културната ситуација како во Македонија, така и пошироко во глобалната заедница. Во трудот се пренесени ставовите на водечки светски научници кои го истражуваат овој феномен. Понатаму се истражувани и претставени разликите помеѓу учениците од основно училиште од македонска и албанска етничка припадност по однос на изразеното почитување на различните култури и религии и развиени вештини на толеранција, дијалог, почитување и соработка со учениците од друга етничка и религиозна припадност.